Панче Тошковски се прашува: Да не е ова со Данела смислено сценарио за политички циркус?

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во гостувањето на ТВ Сител изрази жалење и осуда за инцидентот во којшто беше вклучена градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, но во исто време се запраша да не е целиот инцидент смислено сценарио за политички циркус. Тој рече дека таа била повикана во полициска станица, но не дошла, туку заминала во болница. За потоа да каже дека Арсовска, сепак, била во полициска станица.
„Во болницата од страна на стручно лице биле констатирани телесни повреди, црвенила на левата потколеница. Откако завршил прегледот во болницата, таа се упатила повторно во полициска станица, по што полициски службеници отпочнале со полициски дејствија. И во меѓувреме контактирале јавен обвинител. Лицето кое што го навела е приведено, тоа е во полициска станица и плус други две лица кои вербално се заканувале“, рече Тошковски.
Тој демантираше дека МВР не постапило по денешниот инцидент и рече дека целата акција на Арсовска против дивоградбите била парада на Фејсбук.
„Повторно само на Фејсбук парадираме, на социјални мрежи, а притоа таа не го потпишала записникот. И сега се поставува прашање, да не случајно жртвата во овој случај којашто се прикажува во јавноста, е токму оној што предизвикал физички напад. Изразувам длабоко жалење и осудувам било каков напад без оглед кој е нападнат во ситуацијава. Особено осудувам напад врз жена, особено ако таа жена е избрана на избори и застапува градоначалник. Но да не случајно излезе на крајот, дека сето ова е едно добро смислено сценарио за политички циркус, каде што жртвата ќе биде токму оној кој сторил физички напад, бидејќи добивам некои такви информации. Не знам, претпоставувам“, рече Тошковски.
На прашањето дека Арсовска тврди дека на местото на инцидентот имало полциски службеници и биле сведоци на нападот и дали МВР ќе утврдува какви дејности преземале, Тошковски рече дека во целост ќе се утврди фактичката состојба.
„Не смееме да дозволиме никој да се чувствува небезбеден во Македонија, но и не смееме да дозволиме некој грубо да ја манипулира македонската јавност. Ова што се случи денеска од аспект на физичко насилство без оглед кој го презел, го осудувам и ќе бидат преземени сите дејствија во насока на расветлување. Доколку се утврди дека гледале и не презеле дејствија, ќе бидат спроведени во најбрза постапка. Јас се уште не сум видел ништо, но ме уверуваат дека фактичката состојба била многу поинаква од тоа што е презентирано досега во јавноста“, рече тој.