Панче Тошковски од почетокот бил вклучен во проектот за катна гаража кај Собранието

Министерот за внатрешни работи признава дека семејството што ја има компанијата „Анго“ му е блиско, дека ги застапувал и во случаи, не само во предметот за катната гаража


Фото: Б. Грданоски

 

Сегашниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, не само што бил адвокат на фирмата „Анго“ која треба да ја гради катната гаража под прозорците на Собранието на Македонија, туку директно учествувал од самиот почеток во проектот уште во 2009 година.

Во обемната истражувачка сторија на БИРН објавена денеска се наведува дека Тошковски бил член на комисијата на Министерството за транспорт во 2009 што го спровела јавното наддавање, при првиот обид да се најде инвеститор. Тогаш МВР, со кого раководеше Гордана Јанкулоска дало дозвола да се изгради подземен паркинг, а земјиштето да се даде на користење на 20 години.

БИРН имал увид во документите кои покажуваат дека Панче Тошковски бил член на таа комисија.

„Можно е да сум бил во комисијата, не знам, ако имате документи што го покажуваат тоа – веројатно сум бил“, вели Тошковски за БИРН.

Тој прв обид за отуѓување пропаѓа, откако избраниот инвеститор „Макоил“ се откажува од земјиштето во 2012 година.

Во 2013 година, Министерството за транспорт ја избрала „Анго“ за нов инвеститор, но овојпат им го продава земјиштето за надземна гаража. Тошковски во тоа време не е веќе во Министерството.

Фирмата го купила земјиштето од 2.500 квадратни метри за 330.000 евра, односно за 8,355 денари по квадрат. За колку пари ќе ја обесштети државата компанијата „Анго“, која не успеа да го изгради објектот во предвидениот рок ќе биде една од најважните работи. Сега МВР не даде дозвола за изградба на катната гаража поради безбедносни ризици, а премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се бара начин да се обесштети компанијата и пратениците да бидат безбедни и, како што вели тој, да нема оштетена страна. Извесно е дека државата ќе си го врати земјиштето што воопшто не требаше да го продаде, но за колку пари ќе видиме.

Во комисијата што ја дава парцелата на „Анго“, член бил и Дејан Митески, актуелен градоначалник на Аеродром и обвинет во случајот „Шпански скали“.

И други членови, и на таа, и на првата комисија на Министерството за транспорт и врски што учествувале во проектот за гаража беа обвинети во случаите „Шпански скали“ и „Топлик“.

Тошковски за БИРН потврди дека има и блиски приватни релации со сопствениците на „Анго“, брачниот пар Трпковски.

„Дали семејството ми е блиско? Ви кажувам – да! Дали сум ги застапувал? Да! Дали, освен во тој предмет, сум ги застапувал и во други? Да! И поради тоа како министер се иззедов од овој случај“, вели тој.

Освен што се пријатели, БИРН открива дека тие се и соседи, во малата зграда во Буњаковец, за која неодамна информации објави СДСМ. Тошковски бил коинвеститор за изградбата на зградата заедно со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев. Во зградата има вкупно шест стана. Трпковски купиле стан подоцна, во 2023 година.

„Јас, како адвокат, им го изготвив купопродажниот договор за станот“, вели министерот за БИРН, инсистирајќи дека свесно се дистанцирал од актуелностите поврзани со неговите пријатели и поранешни клиенти.

„Анго“, долго по 2014 година, кога ја добила градежната дозвола, на терен не работела речиси ништо.

Првите градежни активности околу гаражата од фирмата ги направиле во 2016 година, само три дена пред да истече двегодишниот законски рок, во кој морало да стартуваат со градење. Тогаш, преку електронски систем, информирале дека почнуваат со работа.

Следните денови копале со багер, отстранувале шут и донеле градежни материјали.

Градењето не траело долго, веќе во ноември 2016 година, „Анго“ утврдиле дека под плацот минуваат цевки од градското парно врз кои не може да се работи. Планот бил да се продолжи со активностите по грејната сезона.

Инвеститорот дури во летото 2018 година, четири години по дозволата за градење, почнува да прибира понуди за дислокација на вреловодната мрежа.

Тогаш го информирале Собранието дека за 60 дена ќе почнат да градат.

Меѓутоа, таа година, есента, се вклучува Општина Центар и им ја одзема градежната дозвола, користејќи го аргументот дека фирмата заостанува зад рокот за почеток на градба.

Општинскиот инспектор, на самото место не забележал градежна активност, туку само мал ископ што бил израмнет.

Меѓу 2018 и 2021 година, општината и „Анго“ водат две судски битки за одземањето на дозволата пред Управниот суд, кои фирмата ги добива во своја корист, застапувана од адвокатот Панче Тошковски.

Дополнително, есента 2022 година, во корист на „Анго“, со одлука на Апелацискиот суд, завршува правната битка на Општина Центар за раскинување на договорот со кој фирмата го купила земјиштето од државата.

Летово се случи пресврт. Само неколку недели пред да истече законскиот рок од десет години за завршена градба, фирмата ги извади багерите, ја огради парцелата, за бргу потоа премиерот Христијан Мицкоски да пресече.

„Без разлика што некој друг се однесувал незрело, мора да го решиме проблемот, да го обесштетиме инвеститорот, а земјиштето да се врати на државата и да не се гради објектот“, изјави Мицкоски минатата недела.

Тошковски вели дека не знае на кого се однесува изјавата на премиерот.

Неделава претставници на „Анго“ седнаа на иста маса со претставници на БЈБ, МВР, Собранието, Министерството за транспорт и Општина Центар да преговараат за стратешко решение како државата да го врати во владение земјиштето. Формирана е работна група која треба да предложи решение за овој проблем.