Панче Тошковски како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ – објави кои пратеници гласаа против предлогот за пасошите


 

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва ги осуди пратениците што не го поддржаа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на важењето на пасошите со старото име до крајот на годинава. Тој преку објава на Фејсбук ги нарече „виновници“ кои притвориле стотици илјади граѓани на територијата на државата.

„Виновниците кои буквално притворија стотици илјади граѓани на територија од 26.000 км2 од денеска имаат конкретно име и презиме, а тоа се сите оние 54 пратеници од СДСМ и ДУИ кои во Собранието гласаа против продолжувањето на важноста на пасошите“, напиша Тошковски откако пратениците гласаа „против“ тие да се најдат на дневен ред на 145. пленарна седница по итна постапка.

Тошковски го објави списокот на пратеници на кој се гледа кој од нив на денешната седница гласал „за“ или „против“ за измените за Законот на патни исправи.

„Тоа го направија молчешкум, без да дадат разумно образложение водејќи се исклучиво од нивниот партиски интерес, притоа оставајќи ги граѓаните во состојба на несигурност и безизлезност и кршејќи им го основното човеково право на слобода на движење. Но, цената за нивниот молк денеска, ќе ја платат на 8 мај, кога народот многу гласно ќе го каже своето“, вели Тошковски.