Панајотопулос: Договорот од Преспа создава сплет на правни обврски


Грција– Од моментот кога договорот е потпишан и ратификуван во Парламентот, создава сплет на правни обврски од кои е особено тешко некој да се ослободи, вели министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос во интервјуто за весникот „Параполитика“, одговарајќи на прашањето посветено на Договорот од Преспа.

Грчкиот министер, кој воедно е и адвокат, објаснува дека единствениот начин договорот во некој момент да се оспори е доколку едната страна суштински ги прекршува условите и додава дека освен тоа, „не е нешто што може да се измени или поништи“.

-Нова демократија, и премиерот лично рече дека ќе стори сé за да го подобри овој договор – кој уште од почеток го карактеризиравме како лош и штетен за нашите национални интереси – да го подобри во различни точки, во корист на земјата. Она што и јас го кажав пред неколку дена и беше извртено е дека е препорачливо да се создаде правна аргументација, доколку едната страна – и мислам Скопје – суштински ги прекршува условите, така што во одреден момент, да може договорот да се оспори врз таа основа. Освен тоа, реално, не е нешто што може да се промени или поништи со еден закон и со еден член, како што во минатото слушнавме лаги за други работи, вели Панајотопулос.