Палмер во Белград: ЕУ мора да се шири на Западен Балкан, имате поддршка за „мал шенген“


Американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, денеска беше во Белград каде се сретна со претседателот Александар Вучиќ. а на средбата стана збор за иднината на Србија, односите со Косово и иднината на целиот регион.
Палмер рече дека сопирањето на процесот на ширење на ЕУ на Западен Балкан е историска грешка и дека таа мора да се исправи.
„Америка сака Западен Балкан да има европска перспектива и ќе работиме да ги увериме сите во Европската Унија да го променат ставот“, рече Палмер алудирајќи на тоа дека не се почнати преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Тој ја поддржа идејата за „мал Шенген“ која економски дополнително би ги обединила државите од Западен Балкан, а кој во поширока смисла ја опфаќа и Босна и Херцеговина.
Вучиќ потсети дека ставовите на САД и Белград за косово се различни, но дека е благодарен на Палмер што го сослушал мислењето на официјален Белград.
„Палмер ми кажа што не и се допаѓа на Америка во српската политика, а и јас нему нешто му кажав, но не е дипломатски да се открива. Србија е спремна за компромис, но не е подготвена за понижување на својот народ. Благодарен сум на поддршката на САД за иницијативата за нови економски врски на Западен Балкан – слобода на движење на луѓето и капиталот“, рече Вучиќ.