Палмер: Дојдов да ја потврдам поддршката од Америка за Северна Македонија


Специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, кој денеска престојува во Скопје, порача дека е дојден за да ја пренесе поддршката од САД за Македонија, а потоа продолжува за Приштина, Белград и Атина.

– Задоволство ми е што сум повторно во Скопје, да ги видам пријателите и да разговарам за последните случувања во регионот, во Европа, рече  Палмер.

– Ова е прва посета од поголемиот број посети во регионот, ќе одам во Приштина, Белград, Атина. Доаѓам откако го ратификувавме протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО, исто така по посетата на државниот секретар Мајк Помпео. Доаѓам да ја потврдам силната поддршка на Америка за Северна Македонија, нејзиниот европски пат и европската перспектива – рече Палмер по средбата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

За евроатлатнските перспективи на земјава, нејзиното извесно членство во НАТО, но и за интегрирањето во ЕУ, како и за регионално прашања разговарале Димитров и Палмер.

-Зборувавме за извесното членство во НАТО и за тоа колку е важно да се отвори европското поглавје, за македонските интереси и за интересите на Вашингтон. Еднаш паднавме во замката на жртвата и разочарувањето во 2008 година и мислам дека нема тоа далеку да не одведе доколку пад паднеме. Треба да бидеме упорни и да го тргнеме и последното оправдување, тоа е законот за јавното обвинителство. Да излеземе уште поподготвени и поупорни, рече Димитров и додаде дека е потребно да се најде начин како заеднички да се остварат и нашите интереси и оние на земјите-членки.

Додаде дека имаме заеднички интерес – тоа е регионот. – Не може Европа да биде стабилна и цврста ако регионот е ранлив, а наша задача е да најдеме сили тоа да го направиме, да најдеме сили да бидеме победници, а не жртви, рече Димитров.

По средбата со Димитров, Палмер ќе се сретне и со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, а потоа и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.