Палевски ја користи екстрадицијата за да влијае на изборите во Македонија


Политичката партија Десна на својот Фејсбук профил објави наводно писмо од својот лидер Љупчо Палевски, кој чека екстрадиција во Македонија и судска постапка, како првоосомничен за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.Во наводното писмо, тој се обраќа до министерот за правда Кренар Лога за кој вели дека „лаже“, и дека токму тој (Палевски) барал кратка и брза екстрадиција, без противење.

Македонија на 7 декември 2023 година, според официјалните информации од Министерството за правда, го испратила барањето за екстрадиција на Палевски, кој тврди дека министерот за правда не направил ништо да биде изведен пред органите на прогонот во земјата. Палевски во писмото тврди дека министерот Кренар Лога имал партиска задача од коалицискиот партнер да биде надвор од Македонија за време на изборите.

Вчера министерот Кренар Лога на својот фејсбук-профил објави дека Македонија добила известување од Турција дека дале позитивен одговор на барањето на македонските власти за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо.

Љупчо Палевски Палчо во Македонија е осомничен за двојно убиство, на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.
Палевски е во бегство од крајот на ноември минатата година. Убиството на Вања Ѓорчевска беше извршено по нејзино грабнување додека одела во училиште и таа беше ликвидирана во близина на Скопје.За убиствата се осомничени уште четири лица меѓу кои и таткото на убиената Вања, кој минатата недела беше пуштен во домашен притвор.