„Палешка“- нова куклена претстава во Театарот за деца и младинци


“Палешка“ е нова куклена претстава на репертоарот на Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје која на 24 декември 2021, од 19 часот, премиерно ќе биде изведена во режија на Давор Драгојевиќ од Црна Гора.

“Претставата ‘Палешка’ е ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е даден на мајчинската љубов и нејзината сила. Претставата  допира актуелни теми во современото живеење и растење на децата како различноста и прифаќањето на различноста кај себе и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности. Мајсторски изработените кукли водени со совршена прецизност и чувство од сите актери во екипата на сцената создаваат магија со која ќе се соживеат и децата и возрасните”, велат од тимот на претставата.

Покрај режијата, и драматизацијата е на Давор Драгојевиќ, додека преводот, адаптацијата и драматургијата е на Драгана Лукан Николоски.

Во претставата играат: Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Мартин Јорданоски, Емра Куртишова и Петар Стојанов.

Сценографијата, костимите, дизајнот и изработката на куклите се на Кирил Василев, а композитор е Алек Родиќ.

Првата реприза на „Палешка“ е закажана за 25 декември 2021 од 19 часот.