Пакистански премиер: Оружјето што го оставија САД во Авганистан падна во рацете на пакистанските талибанци


Вршителот на должноста премиер на Пакистан Анвар-у-Хак Какар денеска изјави дека американската воена опрема, која САД ја оставија во Авганистан при повлекувањето од таа земја, паднала во рацете на паравоените формации и на крајот стигнала до пакистанските талибанци.

Опремата, која вклучува широк опсег на воени средства, од очила за ноќно гледање до огнено оружје, сега „се појавува како нов предизвик“ за Исламабад, бидејќи ја подобри борбената способност на пакистанските талибанци, рече Анвар-ул-Хак Какар. Пакистанските талибанци, познати како Техрик-е-Талибан Пакистан или ТТП, во последните месеци ги засилија нападите врз пакистанските безбедносни сили. Тие се посебна милитантна група, но сојузник на авганистанските талибанци.

Талибанците го освоија целиот Авганистан во средината на август 2021 година, додека трупите на САД и НАТО беа во последните недели од хаотичното повлекување од земјата по 20 години вооружен конфликт со екстремистичките исламисти. Нема дефинитивни информации за тоа колку американска опрема останала – но талибанците запленија оружје, муниција, хеликоптери и друга модерна воена опрема од авганистанските сили произведени во САД. Иако никој не ја знае точната вредност на таа опрема, американските одбранбени претставници потврдија дека таа е значителна.