Пакистан го прекинува железничкиот сообраќај со Индија


Пакистан соопшти дека денеска дека го запира клучниот железнички сервис со соседна Индија, по одлуката на Њу Делхи за промена на специјалниот статус на Кашмир.

Федералниот министер за железници шеик Рашид Ахмад изјави дека е суспендиран Експрес, единствениот воз кој ги поврзува двете земји. Оваа одлука следува откако вчера Пакистан го спушти нивото на дипломатски односи со Индија и ја запре билатералната трговија по одлуката за отповикување на автономијата на Кашмир.

– Додека јас сум министер за железнички транспорт, „Самахута Експрес“ нема да работи, рече министерот.

Односите помеѓу Исламабад и Њу Делхи од понеделникот повторно се тензични откако Индија со претседателски указ ја отповика уставната автономија на Џаму и Кашмир, во северниот дел на Индија

Парламентот на Индија завчера усвои одлука за реорганизација и нова класификација на државите Џаму и Кашмир, со која Владата во Њу Делхи ќе има поголема власт над регионот со мнозинското муслиманско население. Со Законот кој го усвои Долниот дом се менува административниот статус на Џаму и Кашмир од држава во сојузна територија. Се очекува денеска да бидат назначени владини гувернери за оваа област.

По укинувањето на автономијата, избувнаа повеќе протести. Властите ја суспендираа употребата на интернет и мобилни телефони во неколку области и забранија јавни собири во Сринигар. Безбедносните сили приведоа над 100 лица, меѓу кои и политички лидери и активисти, со оценка дека биле закана по мирот и стабилноста во Кашмирската Долина.