Пак 100.000 луѓе на протестите во Минск – полицијата ги растеруваше со водени топови

Демонстрантите не се откажуваат, исто така и полицијата

Десетици илјади Белоруси излегоа на улиците во неделата на 4 октомври во знак на поддршка на политичките затвореници во земјата, осми викенд по ред на протести против долгогодишниот владетел Александар Лукашенко.

Опозицискиот новински канал „Нехта“ соопшти дека повеќе од 100.000 луѓе се собрале во главниот град Минск, каде полицијата употребила водени топови за да ги растера демонстрантите.

Мавтајќи со бели знамиња со црвена лента, кои станаа симбол на белоруската опозиција, демонстрантите со удари на тапани се упатија кон установите за притвор.

Властите ги оградија улиците во центарот на Минск, додека некои метро станици привремено ги затворија вратите за патниците за да го попречаат пристапот до центарот на градот.

Локалните набудувачи објавија дека мобилниот Интернет е исклучен бидејќи властите се обидоа да ги спречат демонстрантите да разговараат по кои рути да се движат.

„Пуштете ги надвор“, извикуваа насобраните пред ѕидовите на притворот во Окрестина, каде се верува дека се наоѓаат некои демонстранти и противници на Лукашенко.

Повеќе од 13.000 луѓе се уапсени, а некои подоцна ослободени, додека големите опозициски фигури се затворени или прогонети.

Белоруската полиција во неделата приведе голем број демонстранти, објави новинската агенција Интерфакс и покажа видеа на социјалните мрежи.

Неколку истакнати членови на опозицијата во моментот се во притвор, меѓу кои и лидерката Марија Калесникава, на која ѝ се заканува затвор до пет години под обвинение за загрозување на националната безбедност.

Протести имаше и во други градови во Белорусија.

Министерството за надворешни работи ги советуваше амбасадите на нејзините западни соседи Полска и Латвија да ги намалат вработените и да ги повлечат амбасадорите.

Во изјавата на 4 октомври, највисокиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, го осуди белорускиот потег против литванските и полските дипломати.

„Барањето на белоруските власти Полска и Литванија да ги повлечат своите амбасадори и значително да ги намалат своите дипломатски претставништва во Минск е неосновано и за жалење. Тоа е спротивно на логиката на дијалогот и само дополнително ќе ги изолира властите во Минск“, рече Борел.

Како дополнение на потезите против Летонија и Полска, белоруското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги укинува акредитациите на сите странски медиуми, тврдејќи дека станува збор за долго размислуван потег.

Пред протестот, „Нехта“ кој ги координираше демонстрантите и има повеќе од 2 милиони претплатници, рече дека властите отвориле повеќе од 250 кривични случаи против потенцијалните ривали на Лукашенко, активисти, блогери и обични Белоруси. (Според агенциите)