Пахор: Кога блокирате договори, станува потешко да најдете компромиси
Претседателот на Словенија, Борут Пахор, порача денес дека Скопје и Софија треба да најдат заедничко решение за меѓусебниот проблем на начин што нема да биде доведено во прашање одржувањето на меѓувладината конференција со ЕУ.
„Ја разбираме комплексноста на прашањата меѓу две соседни држави. Ги разбирам и одговорностите и посветеноста која двете земји ја имате кон ЕУ, да најдете начин прашањето коешто се појави во последен момент да се реши без да се одложи почетокот на Меѓувладината конференција“, порача Пахор.
Словенечкиот претседател потсети на искуствата што неговата земја ги имала на патот пред зачленувањето во ЕУ, но и потоа, кога била во позиција да биде блокирана, но и да блокира некоја држава и ги повика двете страни да најдат што е можно поскоро договор за отворените прашања, бидејќи, како што кажа, одложувањето дополнително ќе го усложнува решавањето на проблемите. Сппоред него, треба без одложување, по тивките, како што рече, дипломатскли канали, но и отворено, на ниво на ЕУ, да се најдат сите патишта меѓувладина конференција да почне.
„Не можам да кажам колку е тоа битно. Мојата посета тука не е случајна, не е случјано ниту времето на посетата. Го избрав зашто сакам како една од 27-те држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува меѓувладината конференција на Северна Македонија со Европската комисија. Разбирам дека некои соседни држави имаат колебања, но сакам отворено и јасно да кажам дека сега е вистинско време за солидарност меѓу членките на ЕУ и за целата дипломатска ветшина да стори се меѓувладината конференција да почне без одложување.Словенија сега не го повикува Брисел да направи чекор, туку сум тука, во Скопје, посебно да кажам само за една држава, зашто сé уште важи индивидуалниот пристап“, потенцира Пахор на заедничката прес-конференција со Пендаровски.
Предизвикот, дополни, е многу голем, но со вешта дипломатија и цврста одлука да се почитуваат постигнатите договори, може да се реши. Северна Македонија, потенцира Пахор, последните години направи толку многу за да ги исполни сите услови на ЕУ, така што сега би било неверодостојно да се одложат билатералните разговори со Унијата.
„Знам колку е чувствително тоа прашање. Но, кога блокирате договори станува политички се потешко да се најде компромис“, рече словенечкиот претседател и додаде „двете држави да најдат решение што побрзо зашто одложувањето би зналело многу тешка задача за наоѓање прифатливи решенија“.
Претседателот Стево Пендаровски рече дека земјава е отворена за компромис по спорните прашања, но запрашан дали може да појасни за какви компромиси се мисли, Пендаровски одговори:
„Не можам уште сега да кажам каков компромис ќе биде. Тоа е процес што тече. Но, бидете сигурни, сите политички фактори, од наша страна, дека нема да дозволиме тој иден компромис по неколку точки од декларацијата да ги наруши нашите национални и државни интереси. Мислам дека сме на јасно кои се нашите црвени линии, неколку пати се јавно кажувани“, рече Пендаровски.
Според него, до овој момент сепак не постои официјална позиција на Бугарија со која се бара одложување на првата меѓувладина конференција.
„Сакам да го видам крајот на преговарачкиот процес кој се одвива во ЕУ. Не би ја коментирал почетната преговарачка позиција на Бугарија. Имаме намера периодов да го отвориме комуникацискиот канал со Софија. Би почекал следните недела – две како ќе се одвива преговарачкиот процес во Брисел. Има сигнали дека може да се најде компримис за неколку точки. Апсоултно сум убеден дека нашите бугарски пријатели нема да си дозволат да бидеме блокирани во декември“, напомена Пендаровски.
По заедничката прес-конференција е предвидено Пендаровски и Пахор да положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Пахор потоа ќе се сретне со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а ќе има и обраќање пред пратениците во Законодавниот дом. За попладне е планирана средба со премиерот Зоран Заев.
Пахор и Пендаровски утре ќе заминат за Охрид, каде ќе присуствуваат на показна вежба на специјалните сили на Армијата во Кампот за обука на вода. Претходно ќе прошетаат низ Охрид и ќе ги разгледаат културните знаменитости.