Пахор и Радев бараат компромис за кревање на бугарската блокада
Словенечкиот претседател Борут Пахор разговараше со неговиот бугарски колега Румен Радев во четвртокот (8 јули) во Софија за ветото на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
Како што соопшти кабинеот на Пахор, „и во разговорите на делегациите и во четири очи, двајцата претседатели разговараа за изнаоѓање компромисно решение меѓу Бугарија и Северна Македонија, што би било прифатливо за обете страни и врз основа на кое Северна Македонија би можела да ги започне преговорите за членство во ЕУ“. Според соопштението, двајцата претседатели се согласиле лично да работат на компромисно решение. Пахор и Радев се согласиле дека проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан треба да биде што е можно поскоро.
Минатата недела за време на Преспа форумот во Охрид Пахор јавно ја најави оваа средба со Радев како дел од потрагата по решение. Пахор имаше и посебен разговор со македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Борут Пахор со уште неколкумина претседатели (меѓу кои и германскиот Франк-Валтер Штајнмаер) е на самитот на иницијативата „Три мориња“ што се одржува во Софија.
Проширувањето на ЕУ и деблокадата на Македонија и Албанија е еден од главните приоритети на словенечкото претседателство со Унијата.