Паѓаат во вода годините поминати во судница


Фото: Б. Грданоски

Предметите на Специјалното јавно обвинителство по неговото згаснување преминаа во републичкото Јавно обвинителство и останаа во рацете на истите обвинители, но голем дел од случаите кои ги отвори СЈО, може да почнат од почеток.

Првиот предмет кој мора да почне одново на почетокот е случајот „Тортура“, што се води против поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и „алфите“, за нечовечкото постапување при апсењето на Љубе Бошкоски. Судскиот процес траеше две и пол години, а сега се враќа назад откако поротник во судечкиот совет ненадејно дал отказ. На рочиштето не се појави ни судијката која го води случајот, Александра Ристеска, која била болна, а информацијата за одложувањето ја соопшти друга судијка. Судењето се одложи за на 22 октомври.

Судењето за изборните нерегуларности „Титаник“ продолжи со изведување на материјални докази. Овој судски процес го води судијата Осман Шабани кој, пак, конкурираше за судија во Апелацискиот суд. Токму овој судија е или претседател на судечки совет или член на судечкиот совет во неколку предмети на СЈО, меѓу кои „Монструм“, ТНТ, „Космос“, „Талир“…

Претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, се консултирал со претседателот на Судскиот совет Киро Здравев и разгледува опција како да се спасат од вакви ситуации не само овие, туку и сите почнати судења кога судијата од некоја причина евентуално би ги напуштил.