Паѓаат оставки на Универзитетот Колумбија заради војната во Газа
Тројца декани на Универзитетот Колумбија во Њујорк поднесоа оставка откако беа под внатрешна истрага за пишување антисемитски пораки за време на неколкунеделните протести на универзитетите низ САД поради војната во Појасот Газа, изјави портпаролот на Универзитетот Колумбија.
Портпаролот рече дека деканот за студентски живот на додипломски студии Кристен Кром, вонреден декан за студентска поддршка Метју Паташник и вонреден декан Сузан Чанг-Ким, кои претходно беа суспендирани во очекување на истрага, поднесоа оставки, објави Ројтерс.
„Размената на пораките се случи за време на настан во кампусот наречен „Еврејски живот на кампусот: минато, сегашност и иднина“ и уследи по неколкунеделните протести на Универзитетот Колумбија и другите кампуси поради војната во Појасот Газа“, соопшти администрацијата на универзитетот во јули.
Во соопштението се наведува дека инцидентот открил однесување и чувства кои не само што се непрофесионални, туку и антисемитски.
Во САД имаше неколкумесечни протести поради војната во Појасот Газа, во која загинаа околу 40.000 Палестинци.
Демонстрантите во кампусот бараа крај на војната, крај на американската воена поддршка за Израел и универзитетите да не соработуваат со компаниите кои го поддржуваат Израел.
Универзитетот Колумбија стана центар на протести каде студентите поставија шатори, а полицијата насилно апсеше.