Паѓа рејтингот на Румен Радев по формирањето на владата
Бугарскиот претседател Румен Радев и понатаму ужива најголема доверба во бугарската јавност, но за првпат се забележува значителен пад на неговиот рејтинг откако се спротивстави на формирање на редовна политичка влада. Ова го покажуваат податоците од анкетата на агенцијата „Алфа рисрч“. Таа е направаена на примерок од 1.000 лица и е самофинансирана.
Радев јасно стави до знаење дека не сака да се формира влада со мандатот на Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија. Тој дури му порача на мандатарот, а сега премиер, Николај Денков, да не успее во неговата намера и влада да не се формира. Неговите зборови предизвикаа остра реакција.
„За прв пат откако тој ја презеде функцијата, односот кон шефот на државата е силно поларизиран – за него имаат позитивно мислење 33 отсто, негативно 32% и неутрално 35 отсто“, посочуваат од „Алфа рисрч“.
Ова е второ истражување за една недела што покажува слична тенденција. Податоците на агенцијата „Тренд“ укажуваат дека Радев во последните три месеци изгубил околу 7 отсто од позитивниот рејтинг.
Двете анкети покажуваат околу 5% пад на довербата во ПП-ДБ, која се чини дека ги трпи главните последици од формирањето влада. Спротивно на тоа, кај ГЕРБ загубата е помала. Доколку изборите се одржат денеска, партијата на Бојко Борисов би ги добила нешто повеќе од 25%. На второ место би била ПП-ДБ (20,2%). Рангирањето би останало исто како и по изборите пред три месеци – Преродба (15,4 отсто), ДПС (12,6 отсто), БСП (8,8 отсто) и ИТН (4,1 отсто).