Паѓа поддршката во Русија за водење на војната во Украина


Билборд во Санкт Птербург за служба во армијата

 

Британското Министерство за одбрана, во својата најнова проценка на разузнавањето, укажа на новите знаци од независен руски медиум дека јавната поддршка во Русија за воената кампања „значително паѓа“.

„Медуза“, веб-страница што известува за руски вести од Латвија, вели дека добила неодамнешна доверлива анкета спроведена од Федералната служба за заштита, која е задолжена за чување на Кремљ и обезбедување безбедност на највисоките владини функционери.

Истражувањето, нарачано од Кремљ, покажа дека 55 отсто од испитаниците ги поддржуваат мировните преговори со Украина, додека 25 отсто сакаат војната да продолжи. Извештајот не ја спомна маргината на грешка.

Левада Центар, главниот независен анкетар во Русија, во слична анкета спроведена во ноември откри дека 53 отсто од испитаниците ги поддржале мировните преговори, 41 отсто се изјасниле за продолжување на војната, а 6 отсто се неодлучни. Таа анкета на 1.600 луѓе имаше маргина на грешка не поголема од 3,4%.

Британското Министерство за одбрана истакна дека:

„И покрај напорите на руските власти да наметнат сеопфатна контрола на информациската средина, конфликтот станува сè поопиплив за многу Руси од делумната мобилизација во септември 2022 година.

Со оглед на тоа што Русија веројатно нема да постигне големи успеси на бојното поле во следните неколку месеци, одржувањето дури и премолчено одобрување на војната меѓу населението веројатно ќе биде сè потешко за Кремљ“.

Во последниве недели, рускиот воен фокус беше на удар на украинската инфраструктура и офанзива на исток, во близина на градот Бахмут, додека гранатираше локации во градот Херсон, кој украинските сили го ослободија минатиот месец по осуммесечната руска окупација.