Падна спорниот ДУП за Козле во Скопје


 

Советниците на Општина Карпош не го изгласа спорниот ДУП за Козле. Против гласаа сите присутни 17 советници, од советничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и независните советнички, додека советниците од ГРОМ уште пред гласањето ја напуштија седницата.

Со ова се поддржани барањата на жителите кои денеска револтирани дојдоа на седницата и беа против овој план, кој дури трипати беше на јавна анкета пред граѓаните.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски претходно ги повлече сите 28 точки од дневниот ред кои тој ги предложил, а советниците повторно ги предложија и ги вратија на дневен ред. На седницата немаше присутни од  општинската служба за поддршка, ниту камера, туку само со тонско снимање, советниците очекуваат нови манипулации.

„Очекуваме нови манипулации – да не ја потпише градоначалникот одлуката на Советот, да не се објави во ‘Службениот гласник’ и слично, но ние сме тука сите, да ги поддржиме граѓаните, затоа што општината не е само на еден човек туку на сите граѓани“, вели советничката од ВМРО-ДПМНЕ Адријана Јакимовска-Панчевска.

Утрово, Јакимовски во живо се обрати до јавноста околу тврдењата дека со новиот ДУП на таа локација е предвидено да се градат пет нови згради.

„Чиста лага е дека ќе се градат пет згради на тоа место. Такво нешто не постои во планот. Не можам да се начудам до каде одат лагите и манипулациите на некои граѓани“, рече градоначалникот. „Чиста лага е и дека нас ни текнало да нацртаме ‘аутострада’ со која ќе ги уништиме парковите, зеленилото, детски игралишта. Замислете, тие ме обвинуваат дека сакам да ги урнам фонтаната, игралиштето, клупите, зеленилото кои јас сум ги направил. Немојте да ги слушате тие што сакаат да ве лажат“, порача Јакимовски.