Падна обвинението на СЈО: На Латас ќе му ги платиме и трошоците


Новинарот Драган Павловиќ-Латас излезе насмеан од Кривичниот суд откако судечкиот совет го ослободи за обвинението на Специјалното јавно обвинителство за нелегална градба на викендички во скопското село Зелениково. Додека судот ја изрекуваше пресудата новинарот беше воздржан, но неговиот брат Срѓан не можеше да ја сокрие радоста, додека третиот брат не дојде во суд. Со пресудата за случајот „Тревник“ падна и првото обвинение на Специјалното јавно обвинителство. Иако на Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за нелегална градба на викендичките им се закануваше затворска казна од три до осум години и одземање на викендичките, судијката Марија Клетничка Марковска ги ослободи од обвинение бидејќи утврдиле дека нема кривично дело во случајот на СЈО. Судијката се повика на праксата во ваквите случаи која налага дека, ако во текот на постапката дивоградбата се легализира, обвинението паѓа. Во случајот со Латас, СЈО ги товари дека почнале со градба во 2011 година, а добиле дозвола во 2013 година.

Сега трошоците на кривичната постапка паѓаат на товар на буџетот, односно ќе ги платат граѓаните,a  освен слобода, Латас си го врати и пасошот назад.

Судијката ја образложуваше пресудата петнаесетина минути и порача дека законот важи еднакво за сите граѓани. Во изградбата на викендиците нема ништо спорно бидејќи ниту една институција не реагирала, а СЈО не гони ниту една институција која е задолжена за надзор на градби.

„Во конкретниот случај од суштествено значење е фактот дека не постои ниту една пријава, претставка од граѓанин за бесправно градење ниту било каква одлука од надлежен инспектор и друго лице од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Никој во државата не преземал било какви мерки додека се граделе предметните објекти, а во смисла дека се констатирани дивоградби ниту пак било донесено решение за отстранување на градбата. Во конкретниот случај сето ова не постои, што упатува на фактот дека не постоел јавен интерес“, рече судијката.

Од друга страна, како што наведе, обвинетите добиле одобрение за градба во 2013 година, платиле комуналии и се стекнале со правото на сопственост на објектите.

„Тие биле внесени во Агенцијата за катастар на недвижности, а притоа правото на сопственост на изградените објекти и нивното укнижување во Агенцијата за катастар не било оспорено од никој, ниту пак некој барал поништување на одобрението за градење или поништување на укнижувањето на изградените објекти“, рече судијката.

Случајот го водеше обвинителката, Елизабета Јосифовска од СЈО која важи за десна рака на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Јосифовска најави жалба и останува на ставот дека обвинението е поткрепено со докази.

На новинарското прашање во однос на тоа дека судијката констатирала дека не постои кривично дело, обвинителката вели дека единствен правен механизам им е жалбата.

„Во однос на тој став на Судот секако ќе се произнесеме во писмената жалба. Во моментов можам да кажам дека во овој случај не е спроведена постапката за легализација, што го констатираше и самиот суд. Се работи за една процедува којашто согласно законските прописи требало да тече на поинаков начин. Најпрво се вади одобрение за градење, потоа се почнува со градба. Мислам дека и судот констатира дека во одреден период се градело без одобрение. Тоа што не реагирале соодветните институции не е основ за исклучување на кривичната одговорност на обвинетите кои беа во овој процес, потенцираше Јосифовска.

Според СЈО во обвинението за „Тревник“, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно граделе без одобрение две години.Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Латас е обвинет и за случајот „Тотал“ кој се уште е во судска процедура. Новинарката Ивона Талевска која беше долгогoдшна заменичка на уредникот Павловиќ, исто така беше осудена во случај на СЈО познат како „Тифани“, а беше осудена на условна казна.

Специјалната јавна обвинителка прогнозираше дека пред летните одмори ќе паднат пресудите, но единствената пресуда пред одморите е ослободителна. Ова е прва ваква пресуда во случаите на СЈО. Судот го осуди поранешниот премиер Никола Груевски, но тој избега во Будимпешта.

Пресудата за поранешната министерка Гордана Јанкулоска е правосилна, но Врховниот суд и го одложи издржувањето на казната затвор додека не биде преиспитана правосилната пресуда за нејзе. Одложување на затворската казна бара и осудениот бизнисмен Сеад Кочан, а засега во затвор е единствено само поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски кој беше осуден и за „Тенк“ и за „Триста“. Пресудата за случајот „Триста“, Апелацискиот суд ја врати и на Поповски пак му се суди за овој случај.

Фросина Факова – Серафиновиќ