Падна инфлацијата во јуни
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јуни во однос на мај 2026 година, бележи намалување од 0.5 %, а цените на мало од 0.8 %. Во однос на јуни лани, пак, тршошоците на живот се зголемени за 3.4 %, а цените на мало за 3.6 %, објави Државниот завод за статситика.
Во јуни 2026 година, во однос на мај 2026 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите Транспорт за 1.6 % и Храна и безалкохолни пијалаци за 1.1 %.
Зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Рекреација, спорт и култура за 1.4 %, Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги за 0.5 %, Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата и Ресторани и услуги за сместување за 0.3 %, Здравствена заштита и Информации и комуникации за 0.2 %, Облека и обувки за 0.1 %.
Трошоците на животот во групите Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, Услуги за образование и Осигурување и финансиски услуги остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Во исто време цените на угостителските услуги се зголемени за 0.2 % во однос на претходниот месец. Споредено со јуни минатата година, пак, угостителски услуги поскапеле за 2.6 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Цените на угостителските услуги во периодот јануари – јуни 2026 година во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2.8 %, додека во однос на декември 2025 година зголемувањето е 0.8 %.