Пад на британската економија за првпат од 2012

Пад на британската економија за првпат од 2012 година е забележан во вториот квартал од оваа година, што е неочекувано сериозно забавување пред подготовките за напуштање на Европската Унија на 31 октомври. Бруто- домашниот производ на Велика Британија (БДП) падна за 0,2 проценти од април до јуни, по солидниот раст од 0,5 проценти во првиот квартал, соопшти Националната канцеларија за статистика на Британија. 

На годишно ниво, растот на БДП забави на 1,2 проценти, што е најбавната стапка на раст од почетокот на 2018 година. Деловните инвестиции, како што покажуваат податоците, паднаа за 0,5 проценти во вториот квартал, додека економистите очекуваа пад од 0,3 проценти. Потрошувачката на домаќинствата, која инаку е многу поотпорна од деловните инвестиции, поради падот на невработеноста и зголемувањето на платите, се зголеми за 0,5 проценти во вториот квартал.

Централната банка минатата недела излезе со предвидување дека растот на БДП на Велика Британија ќе биде 0,3 проценти во тековниот квартал, а за цела година предвидува забавување од 1,3 проценти.

Велика Британија, според последните најави, ќе ја напушти Европската унија на 31 октомври.