Пациентка од Непроштено пет години моли за замена на вештачки колк

Немаме материјал за да ви извршиме хируршки зафат. Ова бил одговорот на лекарите од Клиничкиот центар во Скопје, откако пациентката Виторе Наумовска од тетовско Непроштено во неколку наврати барала од нив здравствена помош, односно замена на вештачкиот колк и протезата на левата нога кои и се поставени уште во 2005 година.Дека треба да и се заменат и потврдиле докторите во ортопедското одделение при Клиничката болница во Тетово во 2014 година. Рокот и на вештачкиот колк, кој почнал да се нагризува, и на протезата која се разместила по десет години носење, им бил поминат.

Но, сега по поминати 5 години состојбата е уште пострашна. Снимките покажале дека еден штраф од протезата е изместен што и предизвикува инфекција и крварење, а поради нефункционалноста и на два материјали ногата е и потечена. Но, и покрај ваквата состојба, таа изминативе 5 години не нашла на позитивен одговор од лекарите.

-Јас уште од 2014 година одам во скопската болница и до ден денес ми велат немаме материјал. Оваа болница го носи името Мајка Тереза, срамота е што го носи тоа име, дека Мајка Тереза помагаше на болни и сиромашни, а таму само сум малтретирана. Ми велат засега нема материјал, дојди друг пат. Бев таму и во 2016 година, и пак ми велат нема материјал. Потоа се пожалив на медиуми и од Министерството за здравство ми рекоа оди таму во болница ќе ти помогнат. Ништо од ветувањето. И во 2017 година не ме примија, ми рекоа дека биле зафатени, се вратив со солзи во очи. Потоа добив инфекција, отидов во нивната амбуланта во Скопје, ми зедоа брис и ми направија преврска и ми рекоа дека имам инфекција мрса, истакна Виторе Наумовска.

Таа вели дека за помош се обраќала до болницата Сети Еразмо во Охрид, но оттаму  ја препраќале на скопските клиники. Последниот пат кога се обратила и рекле дека не и следува помош затоа што била од Албанија.

-Барав помош од Охрид и оттаму ме пратија во Скопје, потоа таму не ме примија и  пак отидов во Охрид.За последен пат во болницата Свети Еразмо во Охрид бев минатата година и таму ми рекоа „ти не си од Македонија“. Јас навистина сум од Албанија, ама имам државјанство македонско, пасош имам македонски, здравствено сум осигурана во оваа држава и како е можно тоа да ми го речат кога јас таму веќе имав закажано термин. Па, не можат терминот да го закажат од Албанија туку од Македонија и по логика, ако некој пациент може да закаже термин значи е осигуран во оваа држава,  рече Виторе Наумовска

Таа спас гледа само во лекувањето на државните клиники, затоа што пари за приватно здравство нема каде за замена на вештачкиот колк и протезата и бараат 4.000 евра. Овие средства Виторе не може да ги обезбеди оти со нејзиниот сопруг живеат само од социјална помош.

Од Министерството за здравство накусо ни одговорија дека не се запознаени со овој случај и ветија дека на пациентката ќе и се помогне ургентно.

-Ние ги контактиравме докторите од од Клиниката за ортопедија во Скопје. Наумовска е упатена за преглед во понеделник на 21 октомври, за да и биде пружена потребната медицинска помош,не известија од Министерството за здравство