Пациентите со рак протестираа пред МЗ на 40 степени – терапија е обезбедена


Пациентите на онкологија денеска одржаа протест пред Министерството за здравство, барајќи решенија за континуираниот недостиг на терапија на Клиниката за онкологија, а беа примени од заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски.

Во моментот проблемот со терапијата во Клиниката за онкологија е надминат, информираа од  „Пеперутки“, затоа што дел од терапијата веќе е пристигнат, а остатокот се очекува во наредните денови. Најчесто недостасувале терапии како „Фулвестрант“ и „Золадекс“, а овојпат имало недостиг и на дел од цитостатиците што се на позитивната листа.

Од групата велат дека ваквите застои создаваат страв, револт и неизвесност кај пациентите. Тие нагласија дека не бараат привилегии, туку навремена и континуирана терапија. Доколку проблемите со снабдувањето повторно се повторат, најавија дека ќе бараат јасно да се утврди каде настанува проблемот – во институциите или кај дистрибутерите – и ќе се обратат директно до сите засегнати страни.

Како еден од главните проблеми, „Пеперутки“ ја посочија недоволната превенција и слабите скрининг-програми. Според нив, без рано откривање на болеста бројот на пациенти ќе продолжи да расте, а со тоа ќе растат и трошоците за лекување. Затоа, наместо краткорочни и ад-хок решенија, потребна е долгорочна национална стратегија за борба против ракот.

Од МЗ информираа дека заменик-министерот за здравство,  Јовица Андовски, одржал работна средба со претставници на Здружението ХЕМА-ОНКО – здружение посветено на пациентите со рак и нивните негуватели, како и со претставнички на групата „Пеперутки“, на која се разговарале за актуелните потреби на пациентите и за унапредување на здравствената заштита.
 
– На средбата беше разгледана состојбата со онколошката терапија, како и мерките што се преземаат за надминување на долгогодишните предизвици со кои се соочуваат пациентите. Беше посочено дека е обезбедено рекордно зголемување на буџетот за онкологија и дека се работи на подобрување на достапноста и континуитетот на терапијата. За лековите кај кои беа регистрирани доцнења веќе се преземени конкретни мерки. Дел од испораките се реализирани, за дел се склучени нови договори, а за останатите се обезбедуваат привремени решенија до целосно нормализирање на состојбата – велат од министерството за здравство.
 
Потенцираат дека разговарале и за навремената дијагностика, подобрата информираност на пациентите, поедноставувањето на административните постапки и за другите предизвици во остварувањето на правата од здравствена заштита.