Пациентите со Ковид-19 ќе може да се лекуваат и во болниците „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“


Приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“ укажаа дека имаат протоколи за изолација и таму ќе можат да се лекуваат пациентите кај кои е дијагностициран Ковид-19, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Во овие три болници има патеки за изолација во кои може да се третираат пациенти за таа услуга за која биле иницијално примени, со цел да се ослободи капацитетот односно притисокот од болницата „8 Септември“, каде што обично се префрлаа овие пациенти.

– Она што се наметна како потреба во самата технологија на работа на приватните болници, кога имаше пациент што таму е примен за друга здравствена услуга за која можеби плаќа Фондот, доколку приватната установа има договор или целосно пациентот плаќа приватно, доколку се дијагностицираше да има Ковид 19 вирус, тогаш во болницата „8 Септември“ приватните болници ги префрлаа пациентите. Меѓутоа, таму сега е сериозен притисокот на болницата и ние на овој начин сакаме да ја зачуваме, вели Филипче.

Како што кажа, сега, доколку пациент што се лекува во приватна болница за друга услуга а во меѓувреме е дијагностициран со Ковид-19, тој останува таму да се лекува во одделението за изолација во соодветната болница.

– Доколку нормално му е потребна здравствена услуга што ќе значи третман на болеста воспаление на белите дробови заради Ковид-19 вирусот, тогаш може доколку сака да се префрли во државните клиники, рече Филипче.

Со приватните болници е разговарано и за кадарот што по потреба треба да биде на располагање на јавно здравствените установи, пред се специјалистите по анестезиологија или по интерна медицина.

– Засега нема потреба, сосема доволен е овој број што се пријавени на список и според принцип на приоритет ќе бидат распоредени во јавно-здравствените установи. Доколку се наметне потреба да се преполнат нашите капацитети во јавно-здравствените установи, да се користат и болничките кревети во приватните за третман на пациенти на кои е потребна здравствена услуга заради Ковид 19 вирусот, додаде Филипче.