Пациент со Ковид-19 избега од болница, полицијата го врати назад

Фото: Б. Грданоски

Пациент болен од Kовид-19 синоќа побегнал од ковид-центарот во ГОБ „8 септември“ во Скопје.

Директорот на болницата д-р Христијан Костов го потврди инцидентот. Се работи за бездомно лице од Куманово кое откако било потврдено дека е позитивно на вирусот, избегало од болницата.

Од таму веднаш го пријавиле случајот во полиција и пациентот бил вратен во ковид-центарот уште во текот на ноќта.

Директорот на болницата вели не знае како пациентот успеал да избега од болницата, но верува дека нема простор за паника, бидејќи вели, лицето било најдено во близина на кругот на болницата. Ова е прв случај на бегство на пациент болен од Ковид-19.

Оваа информација се појави на социјалната мрежа Твитер, а ја потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи.

Вчера во 21.30 часот од ГОБ „8 Септември“ било пријавено дека од ковид центарот избегал пациент Б.И. од Куманово. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници лицето било пронајдено околу 2 часот и вратено во болницата, велат од МВР.