Озлогласеното убиство од 2012 во француските Алпи останува ноќна мора за полицијата

Француската полиција испитуваше еден маж кој во времето на убиството на британските туриости се движел со мотоцикл, но беше пуштен без обвинување


Букет рози на местото близу езерото Анеси каде беа убиени четири лица (Фото: АФП)

 

Француската полиција во четвртокот испрашуваше маж уапсен поради нерешеното убиство на британско семејство на Алпите во 2012 година, а обвинителите изјавија дека тој учествувал пред три месеци како сведок во реконструкција на сцената на злосторството.

Притворот на неименуваниот маж ги зголеми надежите за напредок во еден од најозлогласените случаи на убиства во Франција, кога тројца членови на британско семејство беа убиени пред очите на нивните две мали ќерки.

Француски велосипедист исто така беше убиен блиску до местото на злосторството на оддалечен планински пат во близина на езерото Анеси.

Локалниот весник Le Dauphine Libere го идентификуваше уапсениот маж како мистериозен мотоциклист виден во близина на местото на злосторството, кој беше ослободен од сомневање во 2015 година по повеќе од две години потрага на полицијата за да го пронајде.

Локалниот обвинител Лине Бонет одби да го потврди извештајот кога АФП ја контактираше во четвртокот, но рече дека поединецот бил меѓу четворицата сведоци кои „се вратиле на местото на настанот“ за да учествуваат во реконструкцијата пред нешто повеќе од три месеци.

Таа на Твитер напиша дека притворот му е продолжен, давајќи ѝ на полицијата уште 24 часа да го испраша и потенцијално да подигне обвиненија.

Француските инспектори продолжија да работат на повеќе од девет години стариот случај но секогаш се мачеа да го идентификуваат мотивот за убиствата на семејството Ал-Хили.

Саад ал-Хили, 50-годишен британски турист, роден во Ирак, беше убиен заедно со неговата 47-годишна сопруга Икбал и нејзината 74-годишна мајка на паркинг во шума во близина на селото Шевалин во ридовите над езерото Анеси.

Секој од нив беше застрелан неколку пати во нивниот автомобил „БМВ“ со британска регистрација, а во близина на возилото беа пронајдени повеќе од дваесет испукани чаури.

Двете ќерки на парот, тогаш на седум и четири години, го преживеаја нападот, но постарата девојка била застрелана и тешко претепана.

Четириесет и петгодишниот француски велосипедист Силвен Молие, исто така, загина откако очигледно налетал на местото на настанот.

Откако беше сослушан во 2015 година, локалниот обвинител рече дека мотоциклистот е „шеф на бизнис во регионот Рона-Алпи, со добра репутација и без секакво сомневање, кој отишол да лета со параглајдер и бил на пат за дома.”

Полицијата на крајот му влегла во трага откако објавила слика на која е прикажан како носи необичен тип на кацига.Тој изјави на полицијата дека не се појавил како можен сведок бидејќи не обрнувал внимание на медиумите.

Тој беше пронајден откако полицијата ги собра сите 4.000 мобилни телефонски броеви најавени во областа на денот на убиствата и почна да ѕвони на секој. (АФП)