Озил: Сакам да останам во Арсенал, немам конфликт со Емери


Фудбалерот од средниот ред на Арсенал, Месут Озил е среќен да игра за тимот од Лондон, а исто така истакна дека нема конфликт со главниот тренер Унаи Емери, извести „Скај спортс“.

Озил се пресели во Арсенал во 2013 година од Реал Мадрид.

– Дали сакам да останам во Арсенал? Дефинитивно. Не знам што ќе сторам понатаму, но сепак имам време. Дали сум среќен во овој клуб? Се разбира Сега имам само 30 години и имам уште неколку години да играм. Но, се разбира, зависи од желбите на самиот клуб, изјави Озил.

Тој демантира судир со тренерот на „топџиите“.

– Немам конфликт со Емери. Различни гласини веќе долго време се пласираат за тоа, но сите во клубот знаат дека имаме добри односи. Се разбира, не ми се допаѓа фактот дека играм малку. Сакам да бидам на теренот на секој натпревар. Морав да пропуштам неколку натпревари поради повреда, но што можете да направите, тоа е фудбал, изјави Озил.

Во тековната сезона, 30-годишниот Германец настапи на 31 натпревар за Арсенал, постигна шест гола и забележа три асистенции.