„ОВК не беше криминална организација“ – силна поддршка од Ахмети


Али Ахмети се обраќа на протестот за поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово кои се соочуваат со судски процес во Хаг (Фото: Б. Грданоски)

Протестот на ДУИ во центарот на Скопје, организиран во поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово кои се соочуваат со судски процес во Хаг, доби силна меѓународна димензија со пораката на лидерот Али Ахмети, упатена директно до Западот. Од бината на плоштадот „Скендербег“, пред масата униформирани лица, поранешни припадници и поддржувачи на ОВК, Ахмети јавно им се заблагодари на САД, НАТО и Европската унија за поддршката што, како што рече, ја дале на косовската герила и за нивната улога во запирањето на геноцидот врз Албанците.

Фото: Б. Грданоски

Ахмети го отвори говорот со потсетување на историските личности кои, според него, го трасирале патот на албанската борба за слобода – Хасан Приштина, Пјетер Богдани и Неџат Аголи. Плоштадот „Скендербег“ го опиша како „историско место за границите на Европа“, симболична сцена на која денес, преку протестот, се брани не само историјата на косовската борба, туку и „европската идеја за слобода, правда и еднаквост“. Со порака дека УЧК е дел од националниот идентитет и достоинство, Ахмети ја протка политичката порака со наратив за историска мисија и продолжена борба за призната правда.

-ОВК не беше криминална организација, туку се бореше за правата и за еднаквост на Албанците. За време на конфликтот се почитуваа сите меѓународни конвенции. Не е точно тоа што е наведено во обвинението за поранешните водачи на ОВК кои се на судење во Хаг. Испраќаме порака до сите меѓународни фактори дека треба да има правда за овие луѓе – беше речено на протестниот марш.

Додека траеја обраќањата, учесниците на протестот скандираа во знак на поддршка на ОВК. Се вееја знамиња на Албанија, Косово и САД, а дел од присутните носеа и фотографии од обвинетите.

Протестот помина мирно, но можеше да се забележи бројно полициско обезбедување.

Додека на бината се извикуваше „Јас сум УЧК“, улиците околу центарот останаа блокирани.

Пораката кон Западот беше внимателно фразирана: благодарност до САД, НАТО и Европа за минатата поддршка на УЧК и за интервенцијата во Косово, но и потсетување дека, според Ахмети, денешните обвиненија во Хаг се „измислени“ и поттикнати од Србија и Русија. Во таков рамковен наратив, протестот во Скопје се претставува како продолжување на стар сојуз – истиот Запад што, како што тврдеше Ахмети, некогаш застанал на страна на УЧК, денес треба да ги слушне гласовите што бараат ослободување на нејзините поранешни лидери.

Сликите од плоштадот – транспаренти, етнички знамиња и униформи – паралелно со благодарноста до НАТО и ЕУ, отвораат и прашање за чувствителниот баланс меѓу историските сеќавања, регионалната безбедност и актуелната македонска политичка сцена. Во држава која и самата е членка на НАТО и кандидат за ЕУ, ваков протест, во кој се слави вооружена организација од соседството, истовремено го става во фокус прашањето како се читаат пораките од Скопје – и дома, и во Брисел, и во Приштина.