Овие три жени му се спротивставија на европскиот диктатор со најдолг стаж


 

Поминаа пет недели од претседателските избори во Белорусија на кои Александар Лукашенко, често опишуван како последниот европски диктатор, победи со 80,23 отсто од гласовите. Во неделите потоа три жени му се спротивстваија на овој човек и не поминаа добро.

По изборите во Белорусија следеа масовни протести на граѓаните кои веруваат дека гласањето беше наместено. Глетките на насилна полиција во судирот со илјадниците демонстранти во Белорусија ги полнеа новинските насловни ширум светот.

Она што е најинтересно е дека трите најистакнати опозициски личности во текот на овие протести беа три жени – Светлана Тихановска, Вероника Цепкало и Марија Коелсникова. Што всушност се случи со нив, пишува Си-ен-ен во својот тескт.

Сите три опозициски лидерки исчезнаа од јавноста или побегнаа од Белорусија. Меѓу последните вести се спомнува Колесникова, клучна опозициска личност, која исчезна во понеделникот, а денеска безбедносните надлежни тврдат дека е во Украина. Колесникова исчезна по извештаите дека непознати луѓе ја ставиле во минибус.

„Нејзиното исчезнување надвор од секој сомнеж ја покажува бруталноста на овој режим и колку е важно меѓународната заедница да не го изгуби интересот за ужасните случувања кои се одиграа по изборите“, рече Том Тагендат, претседавач на британскиот Одбор за надворешни работи.

Колесникова ги здружи силите со своите колешки од опозицијата, Светлана Тихановска и Вероника Цепкало, за да го собори Лукашенко на изборите, а потоа неколку опозициски кандидати се затворени или им е забрането да се кандидираат.

Тихановска и Цепкало ја напуштија Белорусија непосредно по изборите, додека Колесникова остана и се бореше против резултатите. Во интервју за Си-ен-ен од 13 август оваа година таа рече дека Лукашенко „мора да прифати дека белорускиот народ не го сака и не сака тој да остане претседател на Белорусија“.

Меѓутоа, што всушност се случи со лидерките кои му се спротивставија на Лукашенко?

Колесникова исчезна во центарот на Минск, заедно со двајца колеги од Координационото собрание. Утринава се појавија информации дека тројцата се одведени во Украина, што не е потврдено.

„Во моментот членовите на Координационото собрание или ги прогонуваат, или ги киднапираат или ги малтретираат. Тоа многу ме загрижува затоа што во овој момент не знам каде е Марија Колесникова“, рече за Си-ен-ен Тихановска од нејзиниот егзил во Украина.

Тихановска, главната опозициска кандидатка на оспоруваните претседателски избори во Белорусија, ја напушти земјата неколку дена по изборите. Таа се зазеде за својот сопруг, опозициски кандидат кој е затворен.

Цепкало, која во меѓувреме беше советничка на Тихановска, побегна од Белорусија во Москва од безбедносни причини пред одржувањето на изборите. Нејзиниот сопруг, Валери Цепкало, поранешен белоруски амбасадор во САД, не можеше да се регистрира како кандидат на изборите. Тој, исто така со децата е во Русија од пред изборите, стравувајќи за нивната безбедност откако му се закануваа дека ќе го уапсат.

Семејството Цепкало сега е сместено во Полска. Цепкало за Ројтерс на 19 август рече дека „единствената легитимна претседателка на Белорусија е Тихановска“, додавајќи дека би се вратила во земјата, но дека разбира дека шансите да заврши во затвор се многу големи.