Овие три компании се „златните кокошки“ на Бафет


Американскиот милијардер Ворен Бафет годинава ќе оствари приход од две милијарди долари само по основ на дивиденди од акции во три компании.

Станува збор за акциите на Кока-Кола, Американ Експрес и Епл. Од котираните компании, конгломератот на Бафет, Беркшир Хатавеј, е акционер со најдолг стаж во Кока-Кола, кој треба да и обезбеди приход од 736 милиони долари оваа година.

Кока-Кола е глобален бренд со бизнис модел кој го одржува растот на продажбата, заработката и дивидендите. Компанијата лани распределила 72 отсто од заработката преку дивиденда.

Беркшир Хатавеј е нешто помал акционер во Американ Експрес, кој на Бафет треба да му обезбеди приход од 364 милиони долари оваа година. Американ Експрес има слични предности како и Кока-Кола, а една од нив е тоа што е силен бренд со голема база на клиенти.

Споменатиот конгломерат е акционер во Епл од 2016 година, а американскиот милијардер оваа година би требало да има приход од 878 милиони долари од Епл. Уделот на Епл на светскиот пазар на паметни телефони е 20 отсто, додека Епл е тој што генерира 80 отсто од вкупниот профит на оваа индустрија, пишува порталот Јаху фајнанс.