Овации за Солунската филхармонија со Трпчески и Папатанасиу во Скопје: Ноќ за паметење

Музиката е најсилниот дипломатски инструмент


Државниот  Симфониски Оркестар од Солун за прв пат во неговото 66 годишно постоење синоќа настапи  во Македонска Филхармонија, со диригентот Владимирос Симеонидис, пред уважени гости од сите сфери на живеење, преставници на дипломатскиот хор, меѓу нив и претседателката Гордана Силјановска- Давкова и шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.

Маестро Симон Трпчески за прв пат го свиреше елегантниот и прецизен Равел во Македонија, неговиот славен Концерт за пијано и оркестар во г-дур. Фасцинантно дело со влијанија од џезот и баскиската народна музика.

Маестро Трпчески, како домаќин ги поздрави гостите од Солун и публиката, и за бис отсвири омаж за Едит Пјаф, во чест на татко му

На концертот, светска премиера имаше  симфониската свита од операта „Галатеија“ од Емилиос Ријадис, (1880-1935), најголемиот солунски композитор и студент  на славниот француски композитор Морис Равел (1875-1937) . 

Скопје синоќа ја запозна и водечката грчка сопранистка, Мирто Папатанасиу, добитничка на наградата „Марија Калас“ со импозантна светска кариера и соработка со славниот италијански режисер Франко Зефирели. Ги слушнавме и „ Пет народни грчки песни“ во оркестрација на Равел и Розентал, „Ла валс“ од Морис Равел, како и неколку композиции од грчкиот композитор Емил Риадис. По повод чествување на 150-годишнината од  раѓањето на Равел и 90-годишнината од смртта на Ријадис.

Новиот директор на Македонската филхармонија, Мустафа Имери (десно) со грчкиот колега, Симос Папанас, директор на Солунската филхармонија, и грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду

Значи, синоќа, во Филхармониија, бевме сведоци на уникатна програма, (отпечатена со времетраење), уникатни гости, за уникатната соработка меѓу двете Филхармонии, по заедничкиот настап на Македонската, Солунската и Софиската Филхармонија во Софија, каде на 17 февруари се реализираше изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. По синоќешниот концерт, Македонската филхармонија на 30 јуни за првпат ќе настапи во Солун.

Ноќ за паметење, со маестрална изведба, нескротлива енергија, со емоции, во потполна тишина, со поткована публика, која молчи и ужива, а не ракоплеска каде што не треба. Ниво на уметност и талент што е едноставно неспоредливо, која публиката ја пренесе во царството на музичкиот сјај, каде што секоја нота одекнува со страст и прецизност. нам ни звучеше како бесценето музичко патување какво културно Скопје заслужува. 

На концертот го откривме фасцинантниот и смел свет на Равел, поинаков од динамичното „Болеро“, како композитор кој ги редефинираше границите на класичната музика, комбинирајќи ја традицијата со визионерската модерност.

Концертот за пијано во г-дур на Морис Равел е компониран помеѓу 1929 и 1931 година. Концертот за пијано е во три ставови, со вкупно време на свирење од малку повеќе од 20 минути. Равел рече дека во ова дело не имал за цел да биде длабок, туку да забавува, на начин на Моцарт и Сен-Санс.

„Мојата единствена желба… беше да напишам вистински концерт, односно брилијантно дело, кое јасно ја истакнува виртуозноста на солистот, без да се стреми да покаже длабочина. Како модел, зедов двајца музичари кои, според мене, најдобро го илустрираа овој тип композиција: Моцарт и Сен-Санс. Затоа концертот, кој првично мислев да го наречам Divertissement, ги содржи трите вообичаени дела: почетниот Allegro, компактна класична структура, е проследен со Adagio, во кој сакав да оддам посебна почит на „схоластиката“ и во кој се обидов да пишувам што е можно подобро; за да заклучиме, живописен став во форма на Рондо, исто така замислен во согласност со најнепроменливите традиции, ќе истакне Равел за Концертот за пијано во г-дур, во интервју , во 1931 година. 

Л. Сабит

Фото: Татјана Ранташа