Оваа земја купува огромни количества руска нафта: Дали треба да ѝ бидеме благодарни?

Индија тврди дека ги одржува глобалните цени на горивото достапни преку нејзините набавки на руска нафта


„Светот ѝ е благодарен на Индија што купува руска нафта. Не е дека тие не сакаат да купуваме руска нафта“, изјави министерот за природен гас и нафта Хардип Синг Пури за CNBC.

„Ако почнеме повеќе да ја купуваме од Блискиот Исток, цената на глобално ниво нема да биде 75 или 76 долари. Ќе биде 150 долари“, додаде тој.

Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, индиските рафинерии почнаа да купуваат евтина руска нафта, а Москва стана нејзин главен извор за Индија, со околу 36 отсто од вкупниот увоз на „црно злато“ на оваа азиска земја.

Како резултат на тоа, увозот од Блискиот Исток во Индија падна на рекордно ниско ниво.

Поради зголемените тензии во Црвеното Море и стравувањата од ширење на конфликтот на Блискиот Исток, цените на нафтата се под притисок. Таквата несигурност вообичаено би ги зголемила цените на енергијата, но растот е ограничен поради рекордниот американски извоз и континуираното глобално економско забавување.

Се очекува Индија да биде најголемиот двигател на глобалниот раст на побарувачката на нафта од 2023 до 2030 година, објави Меѓународната агенција за енергија.

Премиерот Нарендра Моди ги објави плановите за зголемување на годишниот капацитет за рафинирање нафта за речиси 80 отсто на 450 милиони тони, што значи дека одржливоста и еколошките цели се настрана.

Индија постави цел да задоволи 50 отсто од својата побарувачка за електрична енергија од обновливи извори до 2030 година и целосна транзиција кон обновлива енергија до 2050 година. Во моментов, 75 отсто од вкупната електрична енергија во земјата доаѓа од електрани на јаглен.

Сепак, министерот Хардип Синг Пури изјави дека е уверен дека целите за воспоставување на обновливи извори ќе бидат „целосно остварени“.