Британската полиција заплени рекордно количество хероин


Британската полиција заплени хероин чија улична вредност е повеќе од 120 милиони фунти, скриен во пратка со пешкири и бањарки. Тоа е најголема количина дрога запленета во историјата на земјата.

Дрогата е откриена на контејнерски брод кој минатата недела пристигна во источното англиско пристаниште Феликсту.

– Ова е рекордна заплена на хероин во Велика Британија и една од најголемите во Европа, изјави Мет Хорн од Британската криминалистичка агенција (НЦА).

Агенцијата утврди дека хероинот бил на пат кон Антверпен.

Откако полицајците ја отстраниле дрогата, тие го вратиле контејнерот на бродот, кој продолжил кон Антверпен и пристигна во тој белгиски пристаништен град во неделата.

НЦА соопшти дека се уапсени четири лица.