Ова време пишува нова драма и нови херои: Александар Поповски за српска „Политика“


Фото: А. Василјевиќ

„За мене животот и театарот отсекогаш биле една иста работа. Една голема сцена полна со живот“, вели во интервјуто за белградскиот весник „Политика“, објавено на 1 април, македонскиот режисер Александар Поповски кој долги години работи на српската театарска сцена. Тој за овој весник зборува за она што се случува со театарот, за изолацијата, за она што им донесе пандемијата на луѓето…

„Празна сцена, празна сала, празни улици. Од сето тоа остана само сценографијата. Сето друго исчезна. Сите херои, сите епизодни улоги, сите смешни мажи со мустаќи, сите весели дами со шешири, сите велосипедисти, Ромео, Медеја, Дон Жуан, Пер Гинт, сите…“, наведува Поповски и констатира дека оваа нова состојба во која се најдовме, е ситуација која не познава национална припадност, вера, боја на кожата, политичка припадност… „Таа од една страна е многу трагична, а од друга е нешто за што можеби треба да се размислува позитивно. Сите се надвор: птиците, животните, дрвјата, реките течат, ветерот дува, сонцето грее… Само нас нè нема. Нас природата не исфрли надвор. Животот оди понатаму, без било кому да му недостасуваме, како да сме целосно неважни. Земјата диши со полни гради, ние се обидуваме да дојдеме до респиратори. Убаво изрежирано. Изгледа не сме биле толку важни и значајни, како што мислевме дека сме“, вели македонскиот режисер.

Поповски, кој исто така е во самоизолација, се надева дека од сето ова нешто ќе научиме и ќе запомниме.

„Се надевам дека еден ден кога повторно ќе излеземе надвор и повторно ќе добиеме шанса да чекориме по Земјата, нема да заборавиме колку е тоа важна и голема работа. Тоа право да бидеме дел од овој свет. Создадовме свет во кој алчноста и профитот се единствена вредност. Сега гледаме колку е важна науката. Науката и едукацијата. Наука, едукација и уметност“, вели тој.

Според истакнатиот режисер, оваа голема сцена, сега бара нови јунаци и своја нова приказна.

„Ова време пишува нова драма и нови херои. И новите херои се појавуваат на хоризонтот. Се надевам зборовите кои ќе ги изговорат носат во себе мисла за нашиот нов почеток. Го славевме нашиот празник на театарот (27 март) без публика во салите и без актери на сцената. Но верувам дека наскоро на сцената ќе пристигне новиот Прометеј и дека ја носи светлината со себе. Само не смееме да заборавиме да внимаваме и да не дозволиме птиците да му го изедат џигерот“, истакнува Поповски.