Ова се најатрактивните градови за работа во странство
Најатрактивен град за луѓето кои сакаат да работат во странство е Лондон, а по него се Амстердам и Дубаи на второто и третото место, според новиот извештај на Бостон консалтинг груп (БЦГ).
Како што е наведено во истражувањето наречено „Декодирање глобални таленти“, главни фактори во корист на работата во Лондон се англискиот како главен јазик, силната глобална мрежа на таленти од другите земји во светот, мултикултурализмот, изобилството финансиски можности, пристапот до Европа и Соединетите Американски Држави.
Девет отсто од испитаниците кои бараат работа во странство би биле подготвени веднаш да се преселат во Лондон, потоа Амстердам со осум отсто, Дубаи со седум отсто, Абу Даби со седум отсто и Њујорк со шест отсто.
Во првите десет се и Берлин, Сингапур, Барселона или Токио, во кои веднаш би се преселиле пет отсто од сите испитаници, додека Сиднеј ја затвора листата со четири отсто.
Студијата заснована на одговорите на повеќе од 150.000 испитаници од 188 земји покажа дека приближно секој четврти, или поточно 23 отсто, активно бара работа во странство. Трите најчести причини за преселба во странство се економските можности, напредувањето во кариерата и потенцијалот за подобар квалитет на живот, се наведува во истиот извештај.
Покрај тоа, студијата откри дека 92 отсто од лидерите на глобалните компании сметаат дека привлекувањето и задржувањето таленти се меѓу нивните врвни приоритети.
„Вработувањето странски работници не само што ги пополнува празнините во капацитетите, туку компаниите со поголема глобална различност честопати се поиновативни и поуспешни. Тие генерираат поголем профит и имаат 75 проценти поголема веројатност да бидат иноватори од светска класа“, се вели во специјалниот извештај на БЦГ за 2022 година.