Ова е мозокот кој стои зад новата украинска контраофанзива


Ако пребарате на интернет податоци за генералот Олександр Сирски, ќе најдете дека тој е  опишан како „најуспешниот генерал на 21 век досега“. Тоа е голема одговорност. Генералот Сирски ја предводеше одбраната на Киев на почетокот на целосната руска инвазија на Украина минатата година.

Тој беше мозокот зад изненадувачката и успешна контра-офанзива на Украина во Харков минатото лето. Тој сега ја надгледува обновената офанзива како шеф на воените операции во источна Украина – една од двете главни оски на украинската контраофанзива.

„Сакаме брзи резултати, но во реалноста тоа е невозможно“
Новинарите на Би-би-си го сретнаа Сирски на тајна локација до командното возило што го користи за да ги посетува своите војници и да ја следи битката. На покривот има моќен митралез. Внатре, голем екран прикажува повеќекратни видео-доводи во живо од бојното поле од стотици дронови. Тие гледаат пренос на бомбардираните полиња околу Бахмут, каде што некои од неговите војници се обидуваат да ја вратат територијата. Новинарот го прашува дали целта му е повторно да го освои градот? Тој се смее и вели: „Да, секако. Се обидувам да го направам тоа“.

Но, дури и тој признава дека, повеќе од еден месец од почетокот, долгоочекуваната офанзива на Украина се одвива побавно отколку што многумина се надеваа. „Би сакале да постигнеме многу брзи резултати“, вели генералот Сирски. „Но, во реалноста тоа е практично невозможно.

„Не одиме толку брзо колку што сакаме“
Тој вели дека и на исток областа е преплавена со мини и одбранбени бариери. Русите, вели тој, имаат многу упоришта: „Значи, нашиот напредок навистина не оди толку брзо како што би сакале“.

Но, генералот Сирски верува дека Украина сè уште има една јасна предност. „Верувам дека единството на нашето воено раководство и довербата на нашите војници е една од силните страни на нашата војска. Ова е во целосна спротивност со руската воена хиерархија, која страда од внатрешни борби и редовно ги отстранува високите офицери од командната линија.

Украинците тврдат дека Русите наскоро ќе бидат заробени во Бахмут
Генералот Сирски е идол за оние околу него кои ја ценат неговата посветеност, решителност и лукавство.

Тој оди во теретана секој ден и така се опушта. Спие само четири и пол часа навечер.

На југ и север од Бахмут, Украина соопшти дека им вратила на Русите територија од речиси 30 квадратни километри. Заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар изјави дека руските сили во градот наскоро ќе бидат заробени. Но, гранати сè уште паѓаа врз една украинска позиција што ја посетија новинарите, на само 3 километри од градот.

Алек, еден од војниците од 57. бригада на Украина, ја опишува ситуацијата како „напната“. Тој покажува на голем кратер создаден од руски артилериски проектил тоа утро. Падна на само неколку метри од неговиот ров. Набргу потоа, новинарите на Би-би-си исто така мораа да бараат засолниште.