ОУ „Киро Глигоров“ во потесен избор за наградата на ЕУ за современа архитектура


Фото: Б. Грданоски

Општинското основно училиште „Киро Глигоров“ влезе во потесен избор за наградата на Европската Унија за современа архитектура, „Мис ван дер Рое“ за 2022 година.

– Ми претставува особена гордост и задоволство што нашето најубаво и најмодерно основно училиште, „Киро Глигоров“ влезе во потесен круг за наградата на ЕУ за современа архитектура Мис за 2022 година. Оваа номинација е големо меѓународно признание за ООУ ‘Киро Глигоров’ и уште една потврда за нашата посветеност на работата, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Наградата на ЕУ за современа архитектура, воспоставена во 1987 година како еднакво партнерство помеѓу Европската комисија, Европскиот парламент и фондацијата „Мис ван дер Рое“, се доделува на секои две години и ги избира најдобрите од кругот на најквалитетните современи архитектонски дела во Европа.

ООУ „Киро Глигоров“ е првото основно училиште изградено во Општина Центар по пет децении.

Училиштето се простира на вкупна површина од 16.200 квадратни метри (12.100 квадратни метри училишна зграда и 4.100 квадратни метри дворна површина), изработено е по сите светски современи стандарди и при неговата изградба се користени најквалитетни материјали.

Автор на идејното решение за ООУ „Киро Глигоров“ е архитектот Бесиан Мехмети, координатор на проектот Кире Секуловски, изведувач на градбата е „Вардар Градба“, надзорот врз градбата го вршеше Заводот за испитување на материјали (ЗИМ) од Скопје, а градено е врз основа на проектот на тимот од „Инком Инженеринг“.