Отворено македонско катче на книгата во Трентино, Италија


Со отворање македонско катче на книгата во Градската библиотека во Тионе ди Тренто се заокружува проектот за соработка меѓу националната установа – библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и Македонското културно друштво „Свети Кирил и Методиј“ од Трентино, Италија.

Активностите, како што соопштиjа од Охридската библиотека, се во пресрет на роденденот на Македонското културно друштво „Свети Кирил и Методиј“, а иницијатор за соработката е претседателот на друштвото Венко Трпески, охриѓанец, кој живее и работи во Италија.

Тој, како што е наведено, бил иницијатор и во библиотеката „Григор Прличев“ да се отвори италијанско катче на книгата, кое наскоро треба да профункционира.

– Катчето е опремено со средства од Италијанскиот синдикат за градежништво, во кој Венко работи, а идејата кај неговите претпоставени наиде на разбирање и поддршка, стои во информацијата на Охридската Библиотека.

Директорот на Милчо Јованоски истакна дека соработката со Трпески ќе продолжи и во иднина, посочувајќи дека е предвидено да биде преведен роман од италијански автор поврзан со животот во нашето македонско поднебје за време на Втората светска војна и по неа.

Во септември минатата година Библиотеката од Охрид донираше книги од охридски и македонски автори со цел да го помогне отворањето на мини библиотека во Македонското културно друштво во Трентино.