Отворено 47. издание на „Браќа Манаки“, награди за Лаустсен, Кроненвет и Арсовски


„Браќа Манаки“ ги спои холивудските мајстори со новата генерација на свеченото отворање на 47. издание на фестивалот, одржано синоќа во Битола. Фестивалот, кој ќе трае до 25 септември, започна со признанија за врвни светски и македонски филмски автори и со македонската премиера на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума.

Една од централните пораки на отворањето ја испрати американскиот кинематографер Џеф Кроненвет, добитник на Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Тој нагласи дека фестивалот има посебно место во филмскиот свет бидејќи вниманието го насочува кон луѓето зад камерата.

„Младите кинематографери имаат потреба од ваков фестивал“, рече Кроненвет, посочувајќи дека средбите во Битола им овозможуваат да создаваат професионални контакти, пријателства и да разменуваат искуства со поискусните колеги.

Кроненвет потсети дека и самиот, на почетокот од кариерата, учел гледајќи ги филмовите на постарите кинематографери. Сега, како еден од највлијателните автори на современата филмска фотографија, вели дека сака дел од своето знаење да им го пренесе на генерациите што доаѓаат.

Неговата кариера е тесно поврзана со режисерот Дејвид Финчер и со визуелниот идентитет на филмовите „Боречки клуб“, „Социјалната мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“. За својата работа Кроненвет има добиено и две номинации за Оскар.

Наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој фестивалот го опиша како дел од идентитетот, традицијата и културното наследство на градот. Тој потсети дека браќата Јанаки и Милтон Манаки пред повеќе од еден век ја впишале Битола во историјата на балканската и европската кинематографија.

„Златната камера 300“ за животно дело му беше доделена на данскиот кинематографер Дан Лаустсен. Наградата му ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која го прогласи фестивалот за отворен и истакна дека „Браќа Манаки“ прераснал во културна институција со меѓународен авторитет.

На отворањето присуствуваше и полско-американскиот кинематографер и двоен оскаровец Јануш Камински, кој ја доби наградата за животно дело во 2020 година, но тогаш не можеше да допатува во Битола.

Актерот Петре Арсовски ја прими наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за повеќе од пет децении работа во македонската кинематографија. Признанието го доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.

Фестивалот беше отворен со „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума и кинематограферот Фредерик Нуаром. Филмот ја имаше македонската премиера по прикажувањата на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк и на Сараевскиот филмски фестивал.

Во официјалната конкуренција се вклучени 12 филмови, меѓу кои два македонски. Покрај филмските проекции, програмата до 25 септември носи мастер-класови, панел-дискусии, студентски и младински програми и непосредни средби меѓу младите автори и светските кинематографери.