Отворено 10. издание на „MакеДокс“
Првата вечер на фестивалот „МакеДокс“ беше посветена на ентузијастичката екипа која веќе десет години го свива своето гнездо во Куршумли-ан, неуморно ги толкува слоевите на кромидот низ синеастички вибрации и верува дека филмската уметност навистина може да го промени светот кон подобро.
Посвета беше дадена и на неодамна починатиот професор Стефан Сидовски, кој неуморно ги следеше светлосните траги на филмското платно, а беше редовен гостин на „МакеДокс“ од неговото прво издание во 2010 година. Екипата на „МакеДокс“ со високо подигнат кромид во рацете упати и огромна благодарност до публиката, која од година во година сѐ почесто го исполнува Куршумли-ан до последното столче.
По проекциите на „Мизерикордија“ и „И сѐ стана песна“, до доцна во ноќта Куршумли-ан го исполнуваше звукот на музиката на Џон Периш и Марта Колика, со Џорџа Поли како специјална гостинка.
Почетокот на вториот ден на 10.МакеДокс ќе го означи работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар, која од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам ќе биде фокусирана на филмската копродукција.
Вечерната програма ќе биде отворена со изложбата „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“, дванаесет портрети од Билјана Гарванлиева (1973-2016) и Мануел Цимер, направени со дигиталниот метод на т.н. „проширена реалност“. Портретите се тестамент на нивната љубов во време на прераната смрт на Билјана. Изложбата е поставена во Чифте амам.
На платото пред Куршумли-ан во 20:30 часот ќе се одржи светската премиера на документарецот „Тетовски самрак“ (Северна Македонија / Германија / 2019 / 65’), кој е последен филм на Гарванлиева, а го доврши нејзиниот сопруг Цимер.
Со филмот „Ѕидот“ (Германска Демократска Република/ 1990/ 99’) на Јирген Бучер во Куршумли-ан, во 21 часот, ќе биде отворена програмата Земја во фокус – Германија. Станува збор за живописна приказна за Берлинскиот ѕид поставен среде градот, околу Постдамер плац и Бранденбуршката порта, а срушен од народот пред точно 30 години.
Во ноќниот термин ќе бидат прикажани краткиот документарец „Ќе го убиев Клаус Кински“ (Колумбија/ 2016/ 21’) на Спирос Статулопулос, а веднаш по него и „Го сретнав Горбачов“ (Германија, Велика Британија, САД/ 2018/ 90’) во режија на Вернер Херцог и Андре Сингер за поранешниот советски и руски политичар Михаил Горбачов.
„МакеДокс“ ќе трае до 28 август, а ќе бидат прикажани 70 документарни остварувања на автори од целиот свет.
Освен во Куршумли-ан, фестивалот ќе се одржува и во Младинскиот културен центар, а проекции на филмови ќе има и во кината „Милениум“ и „Фросина“ во Скопје.
Јубилејното издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Креативна Европа – МЕДИА, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институт „Јунус Емре“, Музеј на РСМ, Археолошки музеј на РСМ, Национална галерија, МНТ, Гете-институт, Француски институт во Скопје, Амбасада на Швајцарија во Северна Македонија, Италијанска амбасада во Скопје, Амбасада на Република Чешка во Скопје, Чешки центар Софија, Град Скопје, Амбасада на Република Словенија Скопје, Current Time TV. Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, МКЦ и Кинотека на РСМ.