Отворени повеќе огласи за активни мерки за вработување


Во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија во моментов се отворени повеќе огласи за аплицирање за активни мерки за вработување, кои се дел од оперативниот план за 2020 година. Најголем дел од нив се отворени до крајот на годинава, а три до крајот на овој месец.

Вчера е отворен е огласот за Претприемништво – самовработување со кредитирање, кој завршува на 30 ноември. Во рамки на оваа мерка невработеното лице може да добие кредит од најмалку 5.000 евра до најмногу 10.000 евра, по негов избор како кредитобарател, а за секое новоотворено работно место дополнително по 5.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места.

Рокот на враќање на средствата е седум години со вклучен грејс период од 1,5 година без оглед на износот на кредитните средства, а каматна стапка од 1 отсто на годишно ниво. Условите предвидуваат сопствено учество од корисникот на кредитот од најмалку 25 проценти од износот на бараниот кредит, и гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит, или сопствена меница авалирана од најмалку еден авалист.

За кредитирање на правни субјекти, може да се аплицира од вчера до крајот на месецов. Право на апликација имаат правни субјекти (микро, мали и средни претпријатија) кои се регистрирани најмалку 6 месеци, имаат изготвено годишна сметка за претходната година, има најмалку едно вработено лице на денот на аплицирањето и не го намалил бројот на вработените лица во последните три месеци пред денот на аплицирањето.

На огласот може да се пријават и невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија како активни баратели на работа,  кои не биле во работен однос кај истиот работодавач кој аплицира за учество во проектот најмалку 1 година пред денот на аплицирањето. Правните субјекти може да добијат кредит во износ од 5.000 евра за секое новоотворено работно место, без ограничување на бројот на лица кои може да ги вработи.

Мерките од огласот за субвенционирано вработување, кој е отворен на 10 септември, предвидуваат секој работодавач што ќе вработи невработено лице корисник на гарантирана минимална помош да добие финансиска поддршка за исплата на бруто плата во износ од 19.000,00 денари, за период од 12 месеци. Работодавачот може на работникот да му исплати и повисока бруто плата од субвенционираниот износ. Работодавачот е должен да го задржи лицето корисник на гарантирана минимална помош во вкупен работен  период од 18 месеци, за 12 месеци субвенционирање.

Во Агенцијата за вработување во тек се огласи за обука за побарувани занимања, за обука за напредни ит вештини, како и за обуки за познат работодавач.