Отворена реконструираната спортска сала „Партизан“ во Карпош


 Спортската сала „Наум Наумовски – Борче”, поранешна сала „Партизан” во Општина Карпош е целосно реконструирана и од денеска е официјално отворена.

Како што посочи премиерот Димитар Ковачевски по денешната посета на салата, истата беше донација на Франција по земјотресот и речиси 20 години претставуваше руина во овој дел од главниот град. Сега таа е реновирана во целост за што беа издвоени над 1,1 милион евра.

Салата ќе започне со употреба веднаш по празниците. Со пуштањето во функција на овој значаен спортски објект, скопјани, по повеќе од 15 години повторно ќе може да се рекреираат во во овој објект.

 

Како ќе функционира салата односно кој ќе ја стопанисува, дали тоа ќе биде Општината или ќе биде дадена на приватна фирма како што беше претходно, кога пропадна, се` уште не се знае.

Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ во населбата Карпош 4, или позата кај скопјани како „Партизан“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963.

Салата во 2005 година од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.