Отворена постапката за разрешување на Јанева


Фото: Б. Грданоски
Советот на јавни обвинители едногласно одлучи дека се исполнети условите за почнување постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Канева, која е во притвор како осомничена за случајот „Рекет“. Советот ќе изготви извештај што ќе биде доставен до Собранието, кое понатаму треба да ја продолжи постапката за разрешување на Јанева.

– Советот, откако сите членови изнесоа анализа за состојбите по списите во истражниот предмет за организиран криминал кој се однесува на постапувањето на обвинителката Јанева во предметот „Империја“ на СЈО, едногласно одлучи дека се исполнети услови за да започне постапка за разрешување на јавната обвинителка Катица Јанева. За тоа да го направиме Советот треба да изготви извештај со утврдена фактичка состојба и да го достави до Собранието, изјави вчера по седницата претседателот на Советот на ЈО, Коле Штерјев. Додаде дека согласно своите надлежности, Собранието понатаму ќе ја продолжи постапката.

Шерјев рече дека бидејќи се лимитирани да изнесуваат податоци, имиња, презимиња, Извештајот ќе содржи резиме кое, како што рече, ќе ги преслика еден дел од исказите кои според нив се значајни за Собранието да има пред себе утврдени факти, за да може понатаму да одлучи и да предложи до Советот разрешување на Јанева. – Значи, ќе содржи доволно, според наша оценка, податоци кои законот ги бара за да може да постапува Собранието, рече Штерјев. Додаде дека се работи за фази, Советот сега ја почнува постапката, Собранието треба да оди со предлог до Советот, каде потоа доаѓа постапката за разрешување.

Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Илија Димовски вчера изјави дека во Собранието се уште не е пристигнат извештајот на Советот на јавни обвинители.

– Од медиумите разбравме дека во него има заклучок со кој се поведува постапка за разрешување на специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, но не ги знаеме се уште основите врз кои тоа се бара. Го очекуваме извештајот, и во моментот кога ќе го добиеме ќе пристапиме под итно во насока на забрзување на постапката, изјави Димовски.

Во текот на вчерашниот ден Димовски почнал консултации со претседателот на Собранието Талат Џафери и со дел од координаторите на пратеничките групи. Постапката, како што рече, е комплицирана, потребно е да се обезбеди согласност од политичките партии, Комисијата да го донесе заклучокот, практично Комисијата треба да предложи разрешување на специјалниот јавен обвинител и потоа да се закаже седница на Собранието за разрешување на Јанева од функцијата специјален јавен обвинител.

Во меѓувреме во Собранието тече постапка за Предлог законот за јавното обвинителство со кој треба да се реши статусот на СЈО.

Комисија за европски прашања вчера експресно усвои 10 од предложените 51 амандмани на законот. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се противи на прелдожениот закон вкупно предложила 14 амандмани на законот за обвинителство, од кои вчера се усвоени четири.

Комисијата за европски прашања ќе продолжи со расправата по амандманите, која може да трае најмногу два работни дена. Собранието во вторникот одлучи Предлог законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка. Министерката за правда Рената Дескоска најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив, како што рече, се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.

Со Предлог законот за ЈО се предвидува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се спојат во едно јавно обвинителство кое ќе го носи називот Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција.
Надлежностите на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција треба да преминат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, кое ќе продолжи да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени. Понатаму, според предложениот законски текст, актуелниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска се предлага да продолжи да ја врши својата функција како јавен обвинител на Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој е избрана.

Во преодните и завршни одредби од законот пропишано е тој да отпочне да се применува од 15 септември годинава.