Отворена нова спортска сала во АСУЦ „Боро Петрушевски“


Во СУГС „Боро Петрушевски“ денеска беше отвoрена нова спортска сала, која се градеше изминатите 14 години.

-АСУЦ „Боро Петрушевски“ од денеска е побогат за нова современа спортска сала која конечно, после 14 години од почетокот на нејзината градба, е завршена и ставена во употреба на задоволство на учениците и наставниот кадар од ова средно училиште. АСУЦ беше едно од ретките средни училишта кои досега немаа сопствена спортска сала, а сега има со вкупна површина од 1423 квадратни метри, рече градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на отворањето на салата.

Објектот е опремен со голема спортска сала, пинг-понг сала, мала сала за гимнастика, сала за пилатес и фитнес, простор за реквизити и гардероби, коишто овозможуваат одвивање на квалитетна настава по спорт и спортски активности.

-Во оваа пригода сакам да упатам искрена благодарност и до моите претходници, како и до Министерството за образование и наука за целокупната поддршка во изградбата на оваа сала. Во таа насока, сакам да упатам и еден апел да продолжиме понатаму да соработуваме со зголемен интензитет со цел средношколците во Скопје освен нови сали да добијат можност да учат и во нови училишта кои се повеќе од потребни, имајќи предвид дека Скопје е град кој мошне брзо расте и се развива. Со ова уште еднаш покажавме дека доколку кон работите пристапуваме чесно, одговорно и со искрена волја за подобрување на условите на нашите ученици, не постојат препреки кои се несовладливи, рече Шилегов.

Градот Скопје во доменот на средното образование, во рамките на надлежностите, во текот на минатата година направи многу. Интензивно се реконструираа сите средни училишта на градот, се поставија 572 прочистувачи за воздух во секоја училница, а се обезбедија и стипендии за над 100 средношколци спортисти. Бесплатниот јавен градски превоз кој им беше овозможен на дел од средношколците, од минатата година стана бесплатно достапен за сите средношколци.

-Во континуитет работиме на подобрување на пристапноста за лицата со посебни потреби во училиштата со цел на сите подеднакво да им бидат достапни условите за функционирање. За дел од учениците со посебни образовни потреби обезбедивме образовни асистенти кои им помагаат во образовниот процес – нагласи Шилегов.

Од Градот Скопје најавија дека ќе продолжат и понатаму посветено да работат за создавање услови за квалитетна настава во средните училишта затоа што, како што велат, „само така ќе успееме на идните генерации да им обезбедиме образование кое ќе произведува квалитетни кадри во различните области како примарен услов во развојот на едно здраво, современо општество“.