Отворена нова фабрика за преработка на месо во Глумово


Современа, напредна технологија според меѓународните стандарди за поефикасно, полесно, побрзо и уште поквалитетно производство, како и 30 вработувања, донесе новиот погон за преработка на месо што денеска го отвори фабриката „Тиамо“ во Глумово, Општина Сарај.
Станува збор за инвестиција вредна четири милиони евра, дел поддржана од ИПАРД.
-Ова е резултат на нашата макотрпна работа повеќе од десет години, на нашата долгорочна, развојна цел, но и резултат на институционалната поддршка, рече сопственикот Хајурн Сулејмани.
Според премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на отворањето заедно со министерот за земјоделство Трајан Димковски и со градоначалниците на Скопје и на Општина Сарај, Петре Шилегов и Блерим Беџети, новата фабрика на „Тиамо“ е уште еден успешен пример како со помош на европските фондови може да се унапреди, развие и осовремени производството.
-Нашата цел е да ја направиме конкурентна и извозно ориентирана месната индустрија, а потенцијалот за тоа е голем. „Тиамо“ е одличен пример за придобивките од ИПАРД и за поддршката што ни ја дава ЕУ, истакна Заев.
И градоначалникот Реџепи ја нарече успешна приказната на „Тиамо“, најавувајќи во наредниот период уште четири до пет нови инвестиции. Општината, нагласи, останува отворена за соработка со бизнис секторот.
-„Тиамо“ е само еден доказ како кога некое семејство се посветува на бизнисот, резултатите не изостануваат, особено ако има поддршка од локалната и централната власт. Ова нека биде почеток. По десет години очекувам повторно да е соберете, за нов капацитет. Ви стоиме на располагање, дополни Шилегов.
Новиот објектот за преработка на месо во Глумово зафаќа површина од 3.000 метри квадратни.