Отворена највисоката зграда во Хрватска – има блиндирано стакло и нуклеарно засолниште


Највисоката зграда во Хрватска, Вестгејт Тауер, висока 135 метри и вредна 110 милиони евра, денеска почнува со работа, соопшти Вестгејт груп.

Како што се наведува, во оваа зграда, чија изградба ја финансираше Хрватската банка за обнова и развој (ХБОР), ќе има вкупно повеќе од 1.000 вработени. Овој облакодер се состои од 35 ката – 28 над земја и шест под земја, каде, меѓу другите, ќе биде сместена компанијата „Ериксон Никола Тесла“ и голем број други ИТ компании, објави Westgate Group.

Некои катови, оние каде што ќе престојува „Ериксон“, се застаклени со блиндирано стакло и се во согласност со антитерористичките стандарди, бидејќи има огромни бази на податоци и чувствителни ИТ операции. Зградата има и нуклеарно засолниште, соопшти Westgate Group.

Најважниот дел од бизнисот е AC Hotel by Marriott. Тоа е првиот AC хотел (бренд од портфолиото на Мериот) во Хрватска, кој ќе работи на 15 ката и три подземни ката.

Минатата година во Лондон, облакодерот го освои меѓународното признание на Европската награда за сопственост во категоријата најдобро архитектонско решение за комерцијална градба на високоградба.

Претставникот на инвеститорот Вестгејт груп, Јосип Комар изјави дека овој облакодер во Сплит ќе ја збогати локалната економија и инфраструктура.

„Бевме во трка со времето во шпицот на сезоната, свеченото отворање на хотелот ќе го организираме во септември или октомври“, рече Комар.