Отворена изложбата „Нематеријалното културно наследство на Словенија во светлото на конвенцијата на УНЕСКО“


Седумдесет и шест културни добра од националната листа на Словенија беа презентирани на денешната изложба во Музејот на Северна Македонија насловена „Нематеријалното културно наследство на Словенија во светлото на конвенцијата на УНЕСКО“. Со ова, се означи почетокот на одбележувањето на Европските денови на културното наследство во нашата земја.

Манифестацијата Европските денови на културното наследство ќе трае до 28 септември, а активностите кои ќе се организираат низ целата земја се поврзани со темата „Културното наследство на сите“, како и со „Европската година на железниците“.

 

На изложбата, како што изјави координаторката на манифестацијата, Нада Андоновска, се презентирани 76 културни добра од националната листа на Словенија, од кои што 4 се исто така впишани и во репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО.

-На 26 плакати може да се види она што како традиција се уште се одржува во Словенија и кое што како живо наследство се пренесува од генерација на генерација. Со отворањето на оваа изложба Музејот на Македонија го означи почетокот на Европските денови на културно наследство во нашата земја, изјави Андоновска по отворањето на изложбата.

Во рамките на темата „Културното наследство за сите“, десетина музеи од нашата држава ќе организираат едукативни и креативни активности со деца од маргинализирани групи, а исто така Музејот на Северна Македонија ќе подари ранци, школски прибор и публикации од својата издавачка дејност на децата од специјалното училиште „Партение Зографски“.

Андоновска напомена дека оваа манифестација е најголем партиципативен културен настан, кој што го споделуваат граѓаните на Европа. На годишно ниво низ цела Европа се организираат повеќе од 70-тина настани поврзани со темата, во која што исто така и граѓаните на Европа земаат учество.

Годинава, нашата држава го одбележува и јубилејот 25 години од вклучување во овој најголем европски проект за наследството.

Амбасадорот на Словенија во нашата држава, Милан Предан денеска за време на отворањето на изложбата изјави дека токму оваа изложба е повик за граѓаните да ја посетат Словенија. Се што денеска е претставено на изложбата, според амбасадорот, е многу важен дел од самата туристичка понуда на Словенија.

-Се што денеска го гледате на изложбата е важен дел од нашата туристичка понуда. Туризмот е многу важен извор на приходите за Словенија. Јас посакувам да видиме повеќе посетители на изложбата, и се надевам дека ова ќе прететсавува еден вид поттик за повеќе идни активности, и поголем дел од вашиот богат културен идентитет да биде под заштита на УНЕСКО. Се надевам дека проблемите со Охрид и неговата заштита ќе се решат во текот на следните две години, додаде амбасадорот Предан.

Изложбата, чии автори се д-р Нена Жидов и м-р Ања Јерин, се реализира во соработка со Словенскиот етнографски музеј од Љубљана.