Отворена изложба на фотографии „Кина во моите очи“


По повод 70 години од создавањето на Народна Република Кина, министерот за култура Хусни Исмаили денеска во НУБ „Св. Климент Охридски“ присуствуваше и се обрати на отворањето на изложба на фотографии „Кина во моите очи“.

Тој упати честитки до амбасадорката на Кина, Јин Ли Шјен, за големиот и значаен јубилеј и истакна дека македонската јавност секогаш со возбуда ги следи културните содржини кои доаѓаат од НР Кина. Очекува во иднина да се реализираат уште многу вакви настани кои ќе придонесат за подобро запознавање и зближување со културата на оваа, како што рече, за нас пријателска земја.

Исмаили додаде дека изложбата, на која низ фотографии се доловени природните убавини и урбаните знаменитости на Народна Република Кина, е само уште една потврда за длабоките врски меѓу двете земји на кои посветено се работи и преку Координативниот центар за соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ и дека од особено значење е токму развојот на културната соработка меѓу земјите од оваа иницијатива.

Изложбата на фотографии „Кина во моите очи“ ја организираат Амбасадата на НР Кина и Град Скопје и ќе биде отворена до 7 јули.