Отворена иницијатива за сезонска авиолинија Белград – Охрид


Воведување авиолинија на релацијата Белград-Охрид која би оперирала два пати неделно и би имала сезонски карактер, било во фокусот на средбата  во Белград на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Северна Македонија Љупчо Јаневски, со државниот секретар Жикица Несторовиќ при Министерство за трговија, туризам и телекомуникации на Република Србија и Бошко Рупиќ, комерцијален директор на „Air Serbia”.

Јаневски учествуваше на работните средби во Белград, во рамки на Конференцијата „Нови идеи за ново време“, организирана од Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, за заедничко дефинирање на стратегијата и начинот на претставување на регионалниот туристички потенцијал, како надополнување на иницијативата „Отворен Балкан”.

Според Јаневски, иницијативата е поткрепена со одличните статистички показатели за раст на бројот на српски туристи и тоа за повеќе од 500 проценти во 2021 година споредбено со 2022 година.

-Раст од 100 проценти во бројот на туристи од Србија кој го посетиле Охрид е забележан и во првиот квартал од 2022 години споредбено со 2021, исто така и остварените ноќевања се со значителен раст, рече Јаневски.

Тој дополни дека регионалната соработка е предуслов за развој на туристичката индустрија, а со иницијативата „Отворен Балкан”, се поместуваат границите и таа станува дестинација од 15 милиони домашни туристи која е сериозна можност за инвестиции. Туризмот, посочи, треба да се перцепира и како генератор на воспоставување доверба, соработка, економско закрепнување и добрососедски односи во регионот.