Отворена градинката „Пеперутка“ во Стајковци


Денешка беше пуштена во употреба градинката „пеперутка“ во Стајковци, а на отворањето присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски.

Во своето обраќање на отворањето на градинката премиерот Заев истакна дека капиталните инвестиции во раниот детски развој и детската заштита се еден од врвните приоритети на Владата на Република Северна Македонија како места каде што почнува згрижувањето и воспитување на децата.

„Дечињата на кои овој објект им припаѓа и кои тука, во најсовремени услови, ќе ги поминат своите години од предучилишното згрижување, воспитување и образование. Дури и името тие си го одбраа. Заедно со своите родители одлучија нивниот нов дом да се вика ‘Пеперутка’“, рече премиерот Заев.

Децата од денеска делот од секојдневието во градинката ќе го поминуваат во модерен и според сите стандарди функционален објект за оваа намена. Со вкупно 6 занимални и со убаво уреден двор со нова урбана опрема за рекреација, градинката „Пеперутка“ има капацитет за околу 140 дечиња.

„Тоа е од огромна помош за родителите од населените места Стајковци, Црешево, Булачани, Смилковци, Виниче, Раштак, Страчинци и Брњарци. Сега родителите сега нема да имаат потреба дечињата да ги носат во најблиските градинки кои се со километри оддалечени од нивните домови“, нагласи претседателот на Владата Заев.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска потенцираше дека ресорното министерство во областа на детската заштита води посебна грижа за еднаков пристап и можности за граѓаните и од руралните и од градските средини.

„Дека вистински инвестираме во раниот детски развој, потврдува и бројката од 14 новоотворени градинки за изминатите 11 месеци и опфат на околу 1.000 деца, до крајот на годината планираме опфатот на деца да се зголеми на дополнителни 1.250 деца преку отворање на 11 нови градинки. Грижата за најмладите, децата, за нас е приоритет и во континуитет продолжуваме да инвестираме во раниот детски развој, преку изградба, реконструкција и опремување на детски градинки, но исто толку важно зајакнување на капацитетот на стручниот кадар во нив“, додаде министерката Шахпаска.

Градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски информираше дека градинката е целосно изградена со средства на општината, во вредност од 30 милиони денари, а опремена е со поддршка на Владата и Министерството за труд и социјална политика.

„Во првиот мандат, отворивме повеќе од 250 нови места во детските градинки. Го проширивме капацитетот на градинките „Морковче“ во Јурумлери и „Калинка“ во Железара. Во сериозна акција, со средства на општината и на Владата, ги реконструиравме сите 11 детски градинки во Општина Гази Баба“, истакна градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски.